Припаднички на австралиската армија ја тужат Владата за сексуално вознемирување

Австралиската
ISAF Headquarters Public Affairs Office from Kabul, Afghanistan, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Жените кои служат во австралиските вооружени сили поведоа колективна тужба против Владата на Австралија во име на сите припаднички на вооружените сили кои биле подложени на сексуален напад, широко распространето вознемирување и систематска дискриминација од ноември 2003 до мај 2025 година.

Тужбата пред Федералниот суд во Сиднеј ја поведоа четири припаднички на австралиската армија.

– Заканата од војна честопати не е најголемиот страв од безбедноста за жените кои служат во австралиските вооружени сили, туку заканата од сексуален напад на работното место, изјави нивниот адвокат Џош Ајлвард.

Тој додаде дека јавноста ќе биде шокирана од откритијата за сексуален напад и вознемирување, силување и физички закани, но уште повознемирувачки се бруталните напади врз жените кои се осмелуваат да проговорат.

Австралиското Министерство за одбрана соопшти дека е свесно за тужбата, потврдувајќи дека сите негови вработени имаат „право да бидат почитувани“ и заслужуваат „да уживаат во позитивна работна средина“.

– Нема место за сексуален напад или несоодветно однесување во австралиското Министерство за одбрана, наведе портпаролот на МО.

Зачлени се на нашиот е-билтен