Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Припитомувањето на Србија е можно само со понуда до Вучиќ која тој не ќе може да ја одбие

ВЕСНА ПЕШИЌ

Дејан Илиќ прецизно опиша како Вучиќ му се развикал на „колективниот запад“, кој молчешкум прешол преку тоа. Тешко им паѓа молкот на западните функционери на нашиот тежок живот под власта на „тоталниот идиот“, како што самкиот се нарече пред некој ден Вучиќ, велејќи дека тој наредил да се урне Савамала. Кога тоа ќе им попречи на Лајчак, Борел, Ескобар, Хил и Стано? Зошто не реагираат на застрашувачката ситуација во Србија? Ќе одговорам на ова прашање на крајот.

Зошто Вучиќ ги нападна дека лажат, дека се измамници и дека затоа ништо не потпишал, дека не го ни прифатил ниту концептот на договорот, оти не им верува на тие лажговци? Можеби нема да оди ни на разгиовор со тие измамници и Курти на 2 мај во Брисел, кога треба да се реализира имплементацијата на француско-германскиот договор од Охрид. А на дневен ред е статутот на ЗСО.
Првата причина што ми паѓа на ум е тоа што Вучиќ во оваа прилика со сето срце го напаѓа Западот, бидејќи вредностите таму не соодветствуваат со неговите идеолошко-политички сфаќања. Згора на тоа, тој и неговите неорадикали ги сакаат Русија и Путин (и Кина исто така). И народот е со Русија, а рејтингот зависи од народот, што е убедливо најважно за Вучиќ. Па оваа врева за лажговци и измамници на Запад е обид да се врати својата разнишана популарност. Вревата на Вучиќ е и реакција на (гневната) изјава на Ескобар дека тие (САД) ги признаваат априлските избори на Косово.

Следната причина е напорот на Вучиќ да ги нормализира односите со Косово, кои донекаде, иако слабо, беа вратени во почетната состојба полна со тензии, што последен пат беше постигнато со излегувањето на Србите од косовските институции. Затоа рече дека има тектонски пореметувања и дека ништо повеќе нема да биде исто. Им нареди на Србите да не излегуваат на општински избори на 23 април (под опасното туторство и стапот на Радојичиќ), но оправдувањето на неговите потези со отсуството на формирање на ЗСО е се помалку убедливо пред средбата во Брисел.
Ситуацијата на овие избори Курти ја оцени како застрашувачка, поради големиот притисок врз Србите да не гласаат. Токму затоа требаше повторно да ги одложи. Со излезност од 3,5 проценти и градоначалници Албанци не може да се работи во тие општини. Свесен за ситуацијата, Курти мораше да се откаже од овие избори или да ги поништи, но неговиот инает не му дозволи да го стори тоа.

Сега ситуацијата таму е вратена во минатото, како Лајчак, Борел, Ескобар, Хил и Стано да не направиле ништо. Како да работеа само Боцан-Карченко, куп руски шпиони, вагнеровците и самиот Путин. Мислам дека нема да остане така.

Целата идеја и напор на ЕУ и САД за итно нормализирање на односите со Косово е последица на промената на геостратешката ситуација во светот предизвикана од руската агресија врз Украина. Таа војна промени многу односи во светот. Кина и Русија се во прегратка, а оваа војна ги промени односите и меѓу многу подалечните земји. За Русија да не отвори уште едно бојно поле среде Европа, што би можело да и биде намера, американската администрација и ЕУ побрзаа да го спречат тоа. Затоа Србија и Косово беа притиснати да го усвојат Договорот за нормализација на односите, на кој работеа експерти од Франција и Германија. Првите предлози беа чувани во тајност додека Договорот не стана прифатлив за двете страни. Во февруари годинава беше прифатен Договорот, предвидено е негово строго спроведување (договорот во Охрид) и беа утврдени рокови за завршување на процесот до крајот на оваа година.

За време на договорот за Договорот, Вучиќ инсистираше на формирање Заедница на српски општини, која му е ветено уште со Бриселскиот договор. Тоа беше прифатено и принудено од американските посредници, а Курти мораше да попушти. И двајцата го прифатија Договорот и неговата имплементација.

Но сега изгледа како да не го прифатиле.

Целиот напор некако да се затвори конфликтната ситуација во Косово, се чини дека доживеа неуспех. Но, нема да биде така. Вучиќ мора да повторува дека Србија е на европскиот пат, бидејќи економски зависи од ЕУ, а за да остане на власт мора да исплаќа пензии и плати. Курти и Косово тешко можат да напредуваат без поддршката на САД. Изборите ќе се повторат со меѓусебен договор. Двете страни ќе продолжат да соработуваат, бидејќи немаат каде да одат. Ќе видиме многу брзо што ќе се случи по оваа бура.

А сега да се вратиме на првичното прашање, зошто никој од надвор, особено од САД, не обрнува внимание на внатрешната политика на Србија и автократското владеење на Александар Вучиќ.
Амбасадорот Хил веднаш по пристигнувањето во Србија ја откри првата и главната причина зошто САД речиси воопшто не се мешаат во нашите внатрешни работи. Тој јасно стави до знаење дека САД сакаат да го обноват пријателството со Србија и понудија стратешко партнерство и заеднички бизнис. Јас тоа го нарекувам нова американска политика. Тие оценија дека Србија е централна и најголема земја на Балканот, дека од неа зависи мирот на овој немирен полуостров, бидејќи поради нејзините бројни претензии кон соседните земји таа е фактор во речиси сите балкански војни и конфликти. Целта е да се придобие Србија, да се пренесе на западната страна и да се одвои од малигното влијание на Русија и Кина. Така би биле решени сите проблеми на Балканот. Оттука и поддршката за Отворениот Балкан, кон кој сега ќе пристапи Црна Гора, а целосен успех на иницијативата би бил приемот на Косово и Босна и Херцеговина.

Придобивањето на Србија на западната страна и нејзино одвлекување од Русија и Кина стана итно поради кардиналната промена на ситуацијата во светот, во што спаѓа и агресивното пријателство меѓу Кина и Русија, Саудиска Арабија и Иран, Бразил и Кина… Овие нови односи водат кон нови поделби и нова конфигурација на светот.

Припитомувањето на Србија не може да се постигне со опозицијата, како во доцните деведесетти. Тоа може да се направи само во соработка со властите, односно со понуда до Вучиќ која тој не може да ја одбие.

Пред некој ден, еден американски новинар ме повика на интервју преку скајп. Едно прашање беше дали мислам дека ќе успее пренесувањето на Србија од руска на западна страна.

Дали одговорив?

Д-р Весна Пешиќ е политичарка, антивоена активистка и поборник за човекови права, професорка по социологија, „вечна“ опозиционерка и поранешна пратеничка во српското Собрание и амбасадорка во Мексико.

 Извор: Пешчаник

Зачлени се на нашиот е-билтен