Планот за изградба на луксузно туристичко одморалиште на албанскиот остров Сазан, поврзан со инвестиција на компанија зад која стои Џаред Кушнер, зетот на Трамп, повторно ја отвори старата балканска дилема: економски развој преку елитен туризам или заштита на природата и јавниот интерес. Откако албанската влада му додели статус на „стратешки инвеститор“ на проектот, следуваше координирана реакција од 41 еколошка организација од Европа и регионот, кои побараа итно стопирање на постапката. Но спорот околу Сазан не е изолиран случај. Тој се вклопува во поширок регионален модел на контроверзни туристички инвестиции, забрзани процедури и ограничена јавна дебата.
Ова прашање одамна не е само еколошко. Тоа е прашање на модел на развој, транспарентност, институционална доверба и распределба на јавниот простор.
Сазан: остров со воена историја и нов туристички амбиент
Островот Сазан, лоциран на влезот во Валонскиот залив, долго време беше затворена воена зона. Поради децениската изолација, природата таму останала релативно недопрена, со специфичен биодиверзитет, крајбрежни екосистеми и морски жив свет. Дел од пошироката зона е поврзан со заштитениот морски парк Карабурун–Сазан.
Според извештаите на Balkan Insight, албанската влада му додели стратешки инвеститорски статус на проектот за развој на луксузен ресорт со марина, хотелски комплекси и ексклузивни вили. Статусот „стратешки инвеститор“ во албанската регулатива овозможува забрзани административни процедури, приоритетен третман и олеснет пристап до земјиште и дозволи.
Владините претставници го претставуваат проектот како шанса Албанија да привлече висока класа туризам, да ги зголеми странските инвестиции и да отвори нови работни места. Поддржувачите велат дека дел од островот ќе остане недопрен и дека ќе се применуваат „највисоки еколошки стандарди“.
Но критичарите предупредуваат дека ваквите формулации често звучат добро на хартија — додека практичната имплементација е нешто сосема друго.
Реагираше мрежа од 41 еколошка организација: „Стоп додека не се расчистат ризиците“
Мрежа од 41 еколошка организација испрати заеднички апел до албанските власти со барање проектот да биде стопиран додека не се направи целосна, независна и транспарентна еколошка проценка. Како што пренесуваат регионални и европски медиуми, меѓу главните грижи се:
- можен удар врз заштитени морски и копнени живеалишта
- ризик за ретки видови, вклучително и медитеранската фока
- инфраструктурни зафати (пристаништа, патишта, водовод, отпадни системи) што можат трајно да го променат островот
- недоволна јавна расправа и ограничен увид во деталите на договорите
Организациите предупредуваат дека еднаш нарушен островски екосистем не може лесно да се врати, особено ако станува збор за луксузен туризам со висока потрошувачка на ресурси — вода, енергија и транспорт.
Балканот – лабораторија за елитен туризам за сметка на заштитата на приридатра
Случајот со Сазан силно потсетува на други регионални примери каде луксузниот туризам влегува во судир со јавниот интерес а Балканот како да станува лабораторија за елитен туризам.
Се сеќаваме на обидот на индискиот инстант милионер Субрата Рој (кој подоцна заврши во затвор заради измами), кој за малку, во времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе го претвореа Охрид, Охридско Езеро и Галичица во туристички циркус. Сетете се само дека планираа во водите на Охридско Езеро да слетуваат хидроавиони со белосветски туристи.
Во Северна Македонија, каде што Охридскиот регион е под заштита на УНЕСКО.

Црна Гора е можеби најдрастичниот пример за агресивна туристичка трансформација. Проекти како Porto Montenegro, луксузни марини и затворени ресорт-комплекси ја редефинираа структурата на крајбрежјето.
Се кренаа граѓанските организации и алармираа прекумерна бетонизација, сомнителни концесии, урбанистички измени по мерка на инвеститори и ограничен пристап на граѓаните до крајбрежјето.
Локалното население реагираше дека просторот станува ексклузивна зона за богати странци, наместо јавен ресурс. И даде резултат. Останува да се види до кога.
Хрватска, иако економски профитира од туризмот, веќе ги чувствува негативните ефекти од прекумерен туризам. Дубровник е глобален пример за град каде бројот на посетители ја надминува носивоста на инфраструктурата и локалниот живот.
Експертите пиостојано предупредуваат дека локалното население се иселува од централните зони, цените растат неконтролирано, историските јадра се претвораат во „сценографија“, а економијата станува опасно зависна само од една индустрија.
Хрватскиот случај покажува дека дури и кога туризмот е успешен — може да стане проблем ако нема лимити и правила.
Оттаму, Случајот со Сазан е повеќе од еден остров и еден ресорт. Тој е тест за тоа како балканските влади носат одлуки за јавниот простор. Дали приоритет има брзата инвестиција или внимателното планирање? Дали на граѓанските организации се гледа како на партнери или како пречка?
И конечно и најважно: Дали природата е ресурс за продажба или вредност за заштита?