Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Притисокот на стручната јавност успеа, предлогот за нов Закон за јавни набавки е повлечен

Само неколку часа откако беше изгласана потребата од донесување на измени и дополнувања на законот за јавни набавки, предлогот е повелчен од страна на предлагачите, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, без образложени.

Согласно постапките за донесување закони или измени и дополнувања на законски решенија, доколку се обнови иницијативата за измени и дополнувања на законот за јавни набавки, таа почнува целосно од почеток.

Според првите реакции на јавноста, до овој чекор на владеачката оартија доаѓа по силниот притисокот на стручната јавност кој оваа иницијатива ја оцени како намера за да се прекине мандатот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, која е независен државен орган, и парламентарното мнозинство да избер нова. Измените на законот преку кои се прави ова беа донесени по итна постапка и без каква било дебата во законодавниот дом.

Ваквиот потег наиде на остра осуда од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите“, велат од Платформата.

„Престанокот на мандатите на претседателите и на членовите на овие комисии пред истекот се прави со итни законски измени, предложени од група пратеници, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации. Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт“, велат оттаму.

Пред еден месец, парламентарното мнозинство на пленарна седница не го прифати Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Собранието донесе заклучоци со кои констатираше дека во 2023 година Комисијата не ги реализирала активностите потребни за обезбедување на брза, објективна и ефикасна правна заштита во постапките за јавни набавки и дека не ги постигнала очекуваните цели,приоритети и резултати. Ова очигледно било подготовка за измените во законот, предложени од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, Драган Ковачки, Бојан Стојаноски, Валентина Марчевска, Драгана Арсова, Жаклина Пешевска, Зоранчо Јованчев, Љупчо Пренџов и Марија Петрушевска, со кои ќе престане мандатот на актуелната комисија за жалби по јавни набавки и новата власт ќе избере нова.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на изгласаните измени и дополнувања, како и на предлозите за други измени на законите со кои предвреме се прекинуваат мандатите на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, како Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државната комисија за одлучување во управна постапка.

Зачлени се на нашиот е-билтен