Приведен косопственикот на барот во Швајцарија во кој загинаа 40 лица

Швајцарските обвинители ги повикале на сослушување сопствениците на ски-барот „Ле Констелајшн“ во Кранс-Монтана, каде што за време на новогодишната прослава избувна пожар во кој загинаа 40 лица, а беа повредени уште десетици луѓе.

Според информациите, на распит во Сион, главниот град на кантонот Вале, пристигнале сопружниците Жак Морети (49) и Џесика Морети (40), кои се под истрага поради сомнение за убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и предизвикување пожар од небрежност. Набргу потоа, швајцарски медиуми објавија дека Жак Морети е задржан, со образложение дека постои ризик од бегство, додека неговата сопруга останува на слобода под судски надзор.

Во јавноста паралелно се отворија прашања за безбедносните стандарди и надзорот над објектот. Дел од медиумите наведуваат дека барот не бил предмет на противпожарна инспекција со години, што сега е дел од пошироката проверка на околностите што довеле до трагедијата. Истражителите, според досегашните информации, како една од верзиите го разгледуваат сценариото пожарот да почнал од пиротехнички „светлечки“ свеќи на шишиња шампањ кои ја зафатиле внатрешната обвивка на таванот.

Истрагата продолжува, а обвинителството најавува дополнително прибирање докази и сослушување сведоци, со цел да се утврди одговорноста и дали биле прекршени правила за безбедност во објектот.

Зачлени се на нашиот е-билтен