Петр Павел: Привремена окупација на дел од територијата на Украина е прифатлива цена за опстанок

Претседателот на Чешка Петр Павел денеска изјави дека привремената окупација на дел од територијата на Украина е прифатлива цена за нејзиниот опстанок и рече дека Прага и другите сојузници на Украина никогаш нема правно да ги признаат окупираните територии како дел од Русија.

„Привремената окупација на дел од територијата може да биде цената на опстанокот на Украина како суверена држава“, изјави претседателот на Чешката Република во интервју за Би-Би-Си.

„Сакаме Украина да преживее како независна и суверена држава. Ако цената на нејзиниот опстанок е тој дел од територијата да биде привремено окупиран, тогаш тоа е прифатлива цена. Никогаш нема правно да ги признаеме тие окупирани територии како дел од Русија“.

Павел верува дека Украина во моментов, па дури и во догледна иднина, нема капацитет да ги ослободи сите окупирани територии, дури и со помош на Западот, без големи човечки загуби.

Тој апелираше за продолжување на воената помош за Украина, но во исто време нагласи дека војната не може да се добие само на бојното поле. Според него, Русија треба да биде принудена да преговара преку економскиот притисок на Европската унија и САД.

„Во интерес на двете страни од Атлантикот е да се зголеми економскиот притисок врз Русија. Тоа е многу ефикасно средство за убедување. Со оглед на моменталната состојба на руската економија, не верувам дека тие можат долго да го издржат тој притисок. Доколку се спроведат овие мерки, порано или подоцна Русија ќе мора да седне на преговарачка маса, иако во моментов одбива да го стори тоа“, додаде Павел. 

Зачлени се на нашиот е-билтен