Досега премиерот Христијан Мицкоски ги нема објавено внатрешните и надворешните соработници и советници, а Владата и по два месеци постоење нема официјален портпарол.
Досега имињата на советниците на премиерот беа објавувани на владината интернет-страница сосе точната област на советување и надоместокот што го земаат за таа позиција. Но, сега таму сè уште стојат имињата на советниците на поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Засега владата не ја исполни ниту законската обврска – да го објави списокот на ангажирани лица. А немате ни кого да прашате, немаат портпарол.
Како што пишува „Призма“ на 12-те владини седници досега се именуваа стотина луѓе на директорски позиции и во управни одбори на претпријатија, за кои многу граѓани и не чуле дека постојат. Но, не и лице во чиј опис на работното место ќе стои да одговора на новинарски прашања.
Советниците пак сами почнаа да се фалат на социјалните мрежи, на пример Столе Пандов, синот на директорот на затворската управа Александар Пандов, споделува фотографии од владата, проследени со информации за средби од позиција советник за млади во канцеларијата на премиерот. Ја промовира и својата колешка Ангела Ѓошевска, која оди со него на средби од позиција на советничка на премиерот за правни работи.
Претходната влада уште во август 2017 година, кога беа објавени првите советници на тогаш новиот премиер Зоран Заев предизвикаа реакции. Во тој период се отвори и базата Отворени финансии, на која во кое било време секој граѓанин можеше да ги види исплатите од државните институции. Сега последно базата е ажурирана пред повеќе од два месеца – на 17 јуни, што значи ниту еднаш од кога е избрана новата влада.
Деновиве е укината и можноста, тендерите систематизирано и лесно да се следат на агрегатот Тајм.мк. Иако сервисот постоеше од 2012 година, дванаесет години подоцна, Бирото за јавни набавки оцени дека тоа го оптоварувало сајтот.
Иако на владината интернет-страница, меѓу седумте приоритети во владеењето од 2024 до 2028 година е наведена „обврзувачка транспарентност“, а ветувањата не изостануваат ниту во владината програма, но, од стоте дена владеење помина повеќе од половина, а реалноста е дека таа транспарентност изостанува.
Според Индексот на активна транспарентност за 2024 година што го изработува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Владата и министерствата стагнираат во проактивно објавување информации и се задржува на ниво од 86 отсто.