Земјоделските субвенции претставуваат една третина од буџетот на ЕУ, што ги прави привлечна цел за корупциски шеми.
Голема измама вредна стотици милиони евра ја потресе Атина оваа година, откако многу Грци нелегално добија земјоделски субвенции од фондовите на ЕУ за земјиште што не им припаѓало или за работа што никогаш не ја извршиле. Поради наводната вмешаност во скандалот, бројни министри и заменик-министри поднесоа оставки.
Но, шефицата на Европското јавно обвинителство (ЕППО), Лаура Ковеши, за Политико изјави дека Грција во никој случај не е исклучок.
„Не би рекла дека Грција е посебна. Забележуваме измами со субвенции во речиси сите земји-членки, единствената разлика е колку и какви случаи има. Во Грција откривме дека криминалните активности биле многу систематски и добро организирани, со учество на високи функционери. Но, ги гледаме истите работи и во другите земји-членки“, рече романската обвинителка позната по борбата против корупцијата.
Земјоделските субвенции на ЕУ претставуваат една третина од вкупниот буџет и затоа се мамка за коруптивни шеми.
На прес-конференција истиот ден, Ковеши откри дека добила писмо од грчки земјоделец во кое се тврди дека чесните кандидати не можат да добијат средства бидејќи другите прибегнуваат кон поткуп.
„Ајде да разговараме за тоа: како чесните земјоделци немале пристап до средства“, рече таа.
Друга голема цел на европските обвинители е Фондот за закрепнување и отпорност (RFF), кој беше лансиран по пандемијата на коронавирусот за да им се доделат огромни суми на земјите за економско закрепнување. Стотици случаи поврзани со тој фонд моментално се под истрага.
„Секако, организираниот криминал веднаш го насочи своето внимание кон RRF, бидејќи таму може да се заработат големи пари“, рече Ковеши.
„Нема повеќе безбедни засолништа за криминалците“
Зборувајќи на царинската испостава во пристаништето Пиреја, најголемото грчко пристаниште, таа ја истакна најголемата истрага од ваков вид во ЕУ, запленувањето на илјадници контејнери со кинеска стока во шема дизајнирана да се избегне плаќање на антидампинг давачки.
Пораката што таа ја испрати до криминалците беше јасна: „Правилата на играта се променија, нема повеќе безбедни засолништа за вас. Откривме нов континент на криминал. Организираниот криминал станува посилен со измама на буџетите на ЕУ и националните државни буџети.“
За да се справи со толку голем број случаи, Ковеши бара зајакнување на тимот во Атина и низ цела ЕУ, повеќе европски обвинители и национални финансиски истражители од полицијата, царината и даночните администрации, кои би работеле исклучиво на случаи на EPPO.

„Не постои такво нешто како чиста држава. Секој е погоден од корупција и финансиски измами“, нагласи таа.
Некои од случаите наидуваат на пречки кога постои сомневање за вмешаност на политичари.
Во Грција, EPPO спроведува десетици истраги, вклучително и наводна злоупотреба на средствата на ЕУ поврзана со железничката несреќа во Темпа, во која загинаа 57 лица. Конзервативната влада на Нова демократија го отфрли барањето на EPPO да преземе мерки против двајцата поранешни министри по несреќата.
„Корупцијата може да убие. Темпи е еден од тие примери“, повтори Ковеши.
Владата, исто така, блокираше истрага за министрите вклучени во растечкиот скандал со земјоделските субвенции. EPPO истражува како бизнисмени, политичари и вработени во државната агенција OPEKEPE, одговорна за распределба на субвенциите, биле вклучени во шемата.
„OPEKEPE стана синоним за корупција, непотизам и клиентелизам“, рече Ковеши. „Како и во случајот со несреќата во Темпа, оваа истрага не може да го достигне својот целосен опсег поради грчкиот устав“.
Имено, според посебно уставно решение, само националниот парламент има овластување да истражува и гони членови или поранешни членови на грчката влада. EPPO ги информираше Европската комисија и грчките власти за тоа, со уверение дека одредбата ќе биде променета.
Кога беше прашана за истрагата што ја води грчкиот парламент, Ковеши, исто така, посочи на обидите за заплашување на нејзините истражители.
„Правдата не може да стане реално шоу. Мачка со ѕвонче не може да лови глувци“, рече таа. „EPPO е тука за да остане. И покрај обидите за заплашување, ние сме многу горди на тимот во Атина“.