Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Продолжува повикот за волонтери за спас на Галичица од огнената стихија

Во текот на ноќта и утринава на социјалните мрежи продолжи повикот за волонтери за да учествуваат за локализирање на пожарот на Галичица.

На социјалните мрежи се повикуваат сите физички спремни доброволци да се пријават кај планинарската куќа Спиридон, со свој алат, мотика или гребло за да помогнат во гаснењето.

Волонтери на Планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид заедно со припадници од реџерската служба на Национален парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели на Галичица, информира Центарот за управување со кризи.

Тие заедно со тимовите на ТППЕ Охрид и Ресен, Дирекцијата за заштита и спасување, како и со доброволци од локалното население преземаат мерки за спречување на ширењето на пожарот кој започна да се спушта од планинскиот предел од 2.000 метри надморска височина каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку 2 часа, а во неколку наврати биле транспортирани и со хеликоптер на МВР.

„Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север. Последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон, постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подготвување на подобар план за делување“, велат од ЦУК.

„Иако веќе исцрпени, волонтерите на планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило АТВ 6х6, како и со обезбедување на логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен сè до конечно гаснење на огнот“, посочуваат од ЦУК.

Стравотни фотографии се шират на социјалните мрежи од пожарот кој ја зафати Галичица, а охриѓани и туристите сведочат дека во градот мириса на чад, а не е јасен ниту видикот кон Галичица. Граѓаните во текот на денот забележувале и дека во Охридското Езеро се забележуваат саѓи и пепел од пожарот.

Најново