Политичката реторика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно се заостри по објава на потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, во која ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека, како што рече, „во полн интензитет“ ја спроведува политика за маргинализирање на Албанците и укинување на заштитните механизми од Охридскиот рамковен договор.
Во реакција, ВМРО-ДПМНЕ оцени дека ДУИ „се крие зад етничкото знаме“ кога, според нив, нема „пари и функции“. Од партијата тврдат дека „старата матрица“ на ДУИ се активира секогаш кога се „сече гранката на криминалот и корупцијата“, наведувајќи дека „Албанците не се загрозени, туку милионските шеми“.
Османи, пак, посочи дека Бадентеровото мнозинство, Балансерот и јазичната застапеност се „механизми за заштита од мајоризација“ и ги нарече „најголема пречка“ за, како што тврди, радикална националистичка политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ. Според него, изјави од владини претставници кои ги доведуваат во прашање овие инструменти се знак за обид да се „отстранат ограничувањата“ на „авторитарна позиција“.
ВМРО-ДПМНЕ возврати дека ДУИ „мора да се соочи со одговорност и реформи“, отфрлајќи ги обвиненијата како дефокус од „криминалот“ во изминатите две децении. Пораката од белата палата гласи дека „Албанците не се алиби за тендери и провизии“ и дека „времето на двојни стандарди заврши“.
Суштината на спорот повторно се врти околу толкувањето и примената на заштитните механизми од рамковната архитектура (Бадентер, етничка застапеност, јазични права) и нивната улога во тековните реформи. Додека ДУИ предупредува на можен удар врз овие механизми, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека станува збор за политичка реторика насочена кон избегнување одговорност.