Продуктоводот Солун–Скопје се буди по една деценија: Мицкоски ветува деривати до Нова година

По повеќе од една деценија застој и конзервирање, продуктоводот за нафтени деривати Солун–Скопје се подготвува повторно да профункционира. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека првите деривати би можеле да протечат до крајот на годинава, во момент кога регионот се соочува со нестабилности на пазарот на горива и нервозна јавност поради кризата во соседна Србија.

Продуктовод кој стоеше во место поради политика

Цевководот Солун–Скопје, кој директно ја поврзува пристаништето во Солун со скопската рафинерија ОКТА, со години беше симбол на блокадите и недоразбирањата меѓу Македонија и Грција. Наместо да биде стратешка артерија за снабдување со деривати, линијата беше „уништувана и конзервирана“, како што сега опишува и самиот Мицкоски.

Решавањето на ова прашање стана дел и од политичкиот пакет што двете држави го потпишаа со Преспанскиот договор. Во делот за енергетика, договорот предвидува развој и одржување на гасоводи и нафтоводи меѓу двете земји, со обврска отворените прашања да се решаваат без одлагање и во согласност со европската енергетска политика.

Сега, со најавата дека до крајот на годинава продуктоводот ќе биде ставен во функција, се затвора едно долго отворено политичко–економско досие – и се отвора ново, многу прагматично: кој и како ќе го користи, со каква цена и за кои пазари.

Што најавува Владата?

На денешниот брифинг, премиерот Мицкоски потврди дека Владата ги завршува последните технички и регулаторни чекори за пуштање на линијата во работа. Според него, испитувањата на продуктоводот во голема мера се завршени, а следуваат проби на притисок, при што веќе е изгласан и ценовникот за користење на системот.

„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, кој долги години беше уништуван и конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека се веќе завршени, треба да почнат пробите на притисок. На Влада помина и ценовникот. Очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција“, изјави Мицкоски, оставајќи го конкретниот датум отворен, но рамката јасна – до крајот на 2025.

Паралелно, тој нагласи дека улогата на Владата е да ја обезбеди инфраструктурата и регулативата, но не и да влегува во бизнис–операции: „Ние како Влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или други земји. Тоа го прават приватни компании што водат бизнис“, порача премиерот, одговарајќи на прашање дали државата ќе се обиде да профитира од нафтената криза во Србија со извоз на деривати преку оваа линија.

Регионален контекст: Србија во нафтена криза, ОКТА со амбиции

Активирањето на продуктоводот не доаѓа во вакуум. Во Србија веќе со недели трае сериозна криза со снабдувањето со деривати, поради проблемите во нивната Нафтена индустрија (НИС), која е во руска државна сопственост. Се предупредува на можен недостиг на гориво, особено во јужните делови на земјата – токму регионот кој географски е најдостапен преку македонската траса Солун–Скопје–српска граница.

ТВ21 потсетува дека со повторното пуштање во работа на продуктоводот, ОКТА не само што ќе го зацврсти уделот на домашниот пазар – каде веќе покрива околу 75 проценти од потребите за гориво – туку ќе може дополнително да се позиционира на косовскиот пазар и сериозно да навлезе во Србија, особено во нејзиниот јужен дел.

Во услови кога цените на нафтата и дериватите се под постојан притисок од глобалните кризи, секоја алтернативна рута која намалува транспортни трошоци и зависи помалку од руските капацитети е стратешка предност. Продуктоводот Солун–Скопје, во тој контекст, станува не само инфраструктура на хартија, туку потенцијален адут на Македонија во регионалната енергетска мапа.

Економска сметка и политички ризици

Теоретски, директниот транспорт на деривати од Солун до Скопје по цевка треба да биде поевтин и побезбеден од цистерни и камиони. Помалку камиони на патиштата значи и помал ризик од сообраќајни несреќи и загадување, како и појасен трасинг на количините и квалитетот на горивото. За ОКТА и за трговците со горива, тоа е шанса да си ги подобрат маржите или да понудат поконкурентни цени – доколку конкуренцијата навистина профункционира.

Но, зад оптимистичките најави стојат и неколку отворени прашања. Прво, до кој степен тарифите за користење на продуктоводот ќе бидат атрактивни за компаниите, во споредба со постојните рути. Второ, дали државата ќе успее да обезбеди еднаков пристап до инфраструктурата за сите заинтересирани фирми, или практично ќе се создаде монополска позиција за еден играч. И трето, како активирањето на линијата ќе се вклопи во идните планови за декарбонизација и постепено намалување на фосилните горива.

Политичката димензија исто така не може да се игнорира. Продуктоводот е директно врзан за Преспа, а секое негово спомнување отвора и чувствителни прашања за односите со Грција, за исполнувањето на договорените обврски и за тоа колку државата успева да ги претвори политичките компромиси во реални економски придобивки. Ако линијата навистина профункционира до крајот на годината, тоа ќе биде еден од ретките примери каде една од енергетските клаузули од договорот се преточила во конкретен проект на терен.

Зачлени се на нашиот е-билтен