По година во која глобалната економија успеа делумно да апсорбира серија потреси – од трговски тензии и нерамномерен, но стабилен раст, до засилени инфлаторни притисоци и раст на јавниот долг – 2026 година започнува со бројни неизвесности.
Според проценките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), се очекува благо забавување на светскиот економски раст – од 3,2 проценти во 2025 на околу 2,9 проценти во 2026 година. Иако глобалната економија покажа одредена отпорност, аналитичарите предупредуваат дека таа и понатаму останува чувствителна на нови шокови, пренесува „Дојче веле“.
Трговската политика на САД како фактор на нестабилност
Еден од клучните извори на глобална неизвесност остануваат трговските политики на Соединетите Американски Држави. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп во април воведе нов сет царини со цел редефинирање на глобалните трговски текови и намалување на американскиот трговски дефицит.
Овој потег предизвика турбуленции на финансиските пазари, зголемена неизвесност во деловното опкружување и нарушувања во синџирите на снабдување. И покрај тоа што САД во меѓувреме постигнаа договори со дел од трговските партнери, просечната царинска стапка порасна од 2,5 проценти на почетокот на годината на дури 17,9 проценти – највисоко ниво од 1934 година, според анализите на „Budget Lab“ при Универзитетот Јејл.
Продолжени тензии меѓу САД и Кина
Трговските односи меѓу САД и Кина и понатаму се обременети со силно ривалство. Иако по средбата меѓу Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во октомври беше договорено 12-месечно примирје, аналитичарите предупредуваат дека станува збор за кревок договор.
Рајив Бисвас, извршен директор на „Asia Pacific Economics“, оценува дека договорот повеќе наликува на привремен прекин на конфликтот отколку на трајно решение на трговската војна. Според него, суштинските проблеми остануваат нерешени, особено во областите на одбранбената технологија, вештачката интелигенција, квантното компјутерство и роботиката.
Се очекува технолошкото надметување меѓу двете сили да продолжи и во 2026 година, со почеста употреба на царини, санкции и други економски мерки насочени кон секторите со висока технологија.
Структурни слабости на кинеската економија
И покрај глобалните предизвици, кинеската економија и во 2026 година би требало да задржи раст од околу пет проценти, во согласност со владините цели. Сепак, аналитичарите укажуваат на сериозни долгорочни структурни проблеми – стареење на населението, пад на продуктивноста на капиталот и вишок производствени капацитети во индустрии како челикот, бродоградбата и хемијата.
Нил Ширинг од „Capital Economics“ посочува дека кинескиот модел на раст и понатаму ја фаворизира понудата на сметка на побарувачката, што резултира со хроничен вишок капацитети и слаба домашна потрошувачка.
Инфлација, јавен долг и тешки одлуки за централните банки
Инфлаторните притисоци остануваат изразени во многу делови од светот, вклучително и во САД и еврозоната, делумно како последица на царинските мерки. Ново заострување на трговските односи или нарушувања во синџирите на снабдување би можеле дополнително да го забрзаат растот на цените.
Централните банки ќе се соочат со тешка дилема – дали да ги зголемат каматните стапки за да ја сузбијат инфлацијата или да водат попопустлива монетарна политика за поддршка на економскиот раст. Зголемувањето на каматите, пак, дополнително ги оптоварува високо задолжените држави.
Особено ранливи се одредени земји од еврозоната, како Франција, каде владите се соочуваат со политички отпор кон мерките за штедење. Ширинг предупредува дека јавните финансии на низа развиени економии веќе се движат по неодржлива патека.
Вештачката интелигенција – мотор на раст или потенцијален балон?
Развојот на вештачката интелигенција ќе остане еден од клучните глобални трендови и во 2026 година. Американските технолошки компании веќе инвестираа стотици милијарди долари во AI инфраструктура, вклучително и дата-центри, што засега позитивно влијае врз растот на американскиот БДП.
Сепак, расте загриженоста околу високите пазарни проценки на технолошките компании и неизвесноста за долгорочната исплатливост на овие инвестиции. Дел од инвеститорите стравуваат од создавање балон кој, доколку пукне, би можел да предизвика сериозни потреси на финансиските пазари.
Според Алисија Гарсија-Ереро од банката „Натиксис“, развојот на вештачката интелигенција е длабок структурен процес кој ќе продолжи и во 2026 година. Но, таа предупредува дека нагло намалување на инвестициите во овој сектор би можело сериозно да ја погоди американската економија, па дури и да ја турне во рецесија, со директни последици и врз глобалниот економски раст.