Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Програмскиот колегиум на МКЦ одговара на обвинувањата на Арсовска: За почеток, отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата

Младински културен центар

Програмскиот колегиум на МКЦ на денешната прес-конференција реагираше на наводите на градоначалничката Данела Аровска за финансиските злоупотреби во оваа културна установа за време на раководењето на в.д. директорот Ванчо Богоев.

Програмскиот колегиум на МКЦ на почетокот ѝ се заблагодарува  на Арсовска, која на својата прес-конференција вчера, меѓу другото, ја пофалила работатата на градската институција МКЦ.

Очигледно таа ги препознала заложбите што десеткуваниот тим на МКЦ го прави за развој на културата во овој град, а посебно во делот на начинот како МКЦ успева да се справи и да менаџира една европска културна институција, со буџети и услови за работа на локален месен културен простор некаде во Европа, во град кој има сериозни аспирации да се постави на европската културна мапа, истакнаа од Програмскиот колегиум.

На тврдењата на Арсовска дека  не е точно дека на МКЦ му се скратени 90% од буџетот – туку дека  лани од основниот буџет на Град Скопје му биле доделени 10.7 милиони денари, а оваа 8.7 милиони денари – од Програмскиот колегиум посочуваат дека до вчера на располагање го имале документот од 22. седница на Совет на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари.

Од нив – 2.500.000 денари се за работата на градското кино Милениум, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот „МОТ“, филмскиот „Синедејс“, и музичкиот „Здраво млади“, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари, (не ко што кажа градоначалничката 10,7 миолиони), кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020, или 25.828.000 во 2019, посочуваат од Програмскиот колегиум.

Тиер велат дека по вчерашната прес-конференција се одржа седницата на Совет на Град Скопје, на која конечно се донесе буџетот за култура за 2023 година.

И тогаш ни се постави дополнителна тежина и грижа на совест дека за да се дополнат плус 2.000.000 денари на МКЦ, се крати повторно од културата – од средствата на одделниот конкурс за независни корисници – кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена. За жал, ни со овие дополнителни средства додадени на првично најавените 2.000.000 денари нема да можеме да реализираме ни дел од предвидената програма за 2023 година, а не пак да креираме и нова.

Од Програмскиот совет велат дека сакаат да веруваат во информацијата на Арровска дека висината на буџетските дотации оваа година се 34.000.000, исто како и лани, иако блок дотациите главно се однесуваат на режиските трошоци на институцијата, а од минатата година само струјата е три пати поголема од претходно.

На тврдењето на Аровска дека МКЦ мора и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага, дури и без дотации/субвенции од градот, затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари, од Програмскиот колегиум велат дека точно е дека МКЦ се труди да оствари и сопствени приходи, и да изнајде други начини на финансирање, но, мора да се истакне и дека сите овие дополнителни средства кои ги обезбедува МКЦ се реинвестираат повторно во други настани и проекти, креирање дополнителни нови и нови сопствени активности, и секако давање поддршка на разни надворешни креатори на независната културна сцена.

Но, исто така, од овие средства се доплаќа и за струја и парно, се кречи, се плаќаат дополнителни работници, се поправаат компјутери, се купува опрема… Сето она кое Град Скопје, како една од нивните канцеларии за култура, не може да ни го обезбеди. Свесни сме за тоа „колку е долга чергата на градот и државата“ и затоа свесно се обидуваме да сработиме и повеќе од она кое се бара од нас. Како мала илустрација во 2019 година имавме засебни 1370 настани во 365 дена, одговараат, меѓу другото, од Програмскиот колегиум.

Тие потенцираат дека секое вакво размислување и презентирање кое наведува на комерцијализација на јавните културни институции, се коси со правото на култура, и дека секое пазарно и комерцијално насочување на културата, доведува до развој на шунд и естрадизација.

Можеби некоја друга институција треба, но МКЦ ниту е создадена, ниту смее тоа да го прави. Градот и државата мора да внимаваат на ова, и конечно да разберат дека под култура се подразбира креативно, оригинално и авторско творење, никако рециклирање и репродуцирање на туѓи авторства.

Арсовска бараше извинување од претходниот в.д. директор Ванчо Богоев бидејќи лажел кога тврдел дека му е вршен притисок и и причината за негово разрешување т.е. не продолжување на мандат.

Од оправдани причини Ванчо Богоев денес не е тука со нас на ова јавно обраќање. Веруваме дека тој секако дополнително ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни законски механизми да ја објави вистината. Воедно ги охрабруваме и сите други вработени во администрацијата на Град Скопје, на кои веќе подолго време слушаме дака им се вршат исти или слични притисоци, кои тивко кажуваат и дека го слушале гласниот „состанок“ меѓу поранешниот вд директор и генералниот секретар на Град Скопје, доколу е тоа така и спрема нив, да истапат и го обзнанат тоа пред надлежните институции и јавноста, одговараат од Програмсккиот колегиум.

Меѓу најострите обвинувања на Арсовска се и повеќе од 250 договори за ангажирање спротивно на закон, без да се потпише договор за времено вработување.

Или да се ангажираат преку агенција за привремени вработувања или авторска агенција за кои ќе треба да се даде отчетност. За овие лица се исплаќани илјадници евра. Повеќето се лица познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО. Над 90 договори од овие се за шанкери на кои им било исплаќано од 300 до 750 евра месечно. Ова е испумпување на средства кое некој треба да го објасни, обвини Арсовска.

Од Програмскиот колегиум одговараат дека се работи за делот кој се однесува на системот, надлежностите и законитоста на работењето.

ЈУ МКЦ во 2019 година има 50 вработени, а веќе сега, три години подоцна, тој број по разни основи е сведен на 40. Иако реалните потреби за работници за нормално и непречено работење се можеби и многу над 70. Но за да може МКЦ да продолжи да функционира и во такви услови, и да ги испорачува квалитетно и навремено сите обврски, има две опции: едната, која досега беше пракса, е секој покрај основната да работи дополнителни 4-5 работни позиции. И втората, дополнително да ангажира повремено или проектно лица за одредени конкретни задачи и активности. Сите тие ги плаќа од сработените сопстевени приходи – не од доделените јавни средства – за кои бевме претходно и пофалени. Да не се потцени, но ние обезбедуваме и даваме работа на многу луѓе во градов. МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено и преку Агенција за привремени вработувања – но за кои повторно по закон, како и за редовните вработувања, треба согласност од Град Скопје. Таа согласност не ја добиваме, обвјаснуваат од Програмскиот колегиум.

За бомбастичните тврдења дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, тие појаснуваат дека во недостаток на редовен вработен персонал, а со цел за да остварат сопствени приходи, ќе се потпираат на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок.

И секако 90 договори не се 90 лица – паушален договор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор“, велат од МКЦ, додавајќи дека политичките и партиски етикетирања во оваа точка нема да ги коментираат, бидејќи „нивната партија се вика МКЦ“.

За тврдењето на Арсовска дека од главната благајна на МКЦ се подигнати нешто над 100.000 евра (6.2 милиони денари) во готовина, кои биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа, од Програмскиот колегиум прашуваат кој ја потврдил или негирал оваа информација, и дали таа е  од тековната ревизија во МКЦ?

Пред да одговориме на ова сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај. Имено, ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Но, досега правилата беа јасни: ревизијата по своето работење издава записник, на кој институцијата преку нејзините надлежните органи имаат законски рок да се произнесат и евентуално да појаснат и да дополнат пред таа да стане официјална. Ревизијата во МКЦ сѐ уште е во тек, и овие информации пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални. Но, во интерес на јавноста и насловите во овој момент, сепак ќе појасниме дека: како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет  од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ,  а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки… посочуваат од Програмскиот колегиум.

Арсовска го повика Богоев даде договор за издавање на простор од 320 квадратни метри, по цена од 2,7 по квадрат, со „Пасворд продукција“, кој е завршен во март 2022, од март до сега нема одговор во чие владение е просторот, кој го стопанисувал и кој добро заработувал и профитирал од тоа што го користел. Од Програмскиот колегиум велат дека прашањето е лично насочено кон претходниот в.д. директор Ванчо Богоев, па ќе остават самиот да се произнесе, но повторно  повикуваат да се запазат сите законски процедури и постапки пред изнесување на какви било сомнежи и обвинувања.

Арсовска обвини дека од 40 вработени, 12 се поставени како директори, односно како раководители на раководни фунцкии и не раководат со никого, а земаат директорски односно раководни плати.

Тука би се обратиле до правните служби и правни советници во Град Скопје, да појаснат на своите претпоставени кои беа процедурите за трансформација постоечките работни места преку МИОА на работни места според Законот за јавна администрација и Законот за јавни службеници. Тоа беше процес, кој конкретно во нашата институција, поради природата и спецификата на работење и дејности кои ги опфаќа, траеше скоро четири години. Истите не би можело да се спроведат без одобрение по закон на надлежните институции и министерства за тоа. Секое вонзаконско толкување го разбираме само како лично дискредитирање на секој уредник посебно, одговараат од Програмскиот колегиум.

Арсовска го постави и прашањето за компетенции на новиот в.д. директор Алексов, правејќи споредба со други работници во културата што немаат соодветното образование, па дури и програмските уредници во МКЦ немаат соодветно образование.

Токму тука е нашето најгласно спротиставување. Програмските уредници кои стојат тука пред вас, апсолутно изминатите години пред јавноста ја докажале својата професионалност, компетентост и знаење за програмите кои ги уредуваат. Системскиот проблем на партиско и некомпетентно вработување и назначување е нашиот најголем противник. Токму за тоа гласно се залагаме: за департизација и професионализација на кадрите. Но во реалноста тоа е само предизборен памфлет, кој не важи веднаш по добивањето на власта и позицијата. Доста е!, веклат од Програмскиот колегиум.

Тие велат дека веќе четврта година се мета на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови.

За почеток, отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје, апелираат од Програмскиот колегиум на МКЦ.

Во неделата во МКЦ беше организиран музички мирен протест на кој се собраа стотици граѓани да го изразат својот револт и да дадат поддршка на вработените во МКЦ.

Зачлени се на нашиот е-билтен