Осум земји од ОПЕК+, меѓу нив Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман, се договорија од мај да ги зголемат квотите за производство за 206.000 барели дневно. Одлуката треба да испрати порака дека картелот е подготвен да пушти повеќе нафта на пазарот, но засега не носи брзо олеснување за цените.
Наместо смирување, пазарите повторно реагираа со раст. На 6 април, суровата нафта „брент“ се движеше околу 110 долари за барел, а трговците и натаму остануваат претпазливи поради неизвесноста околу Хормушкиот теснец, една од најважните светски рути за извоз на нафта и нафтени деривати. Иако има разговори за можен прекин на огнот, стравот од нови нарушувања во снабдувањето останува посилен од ефектот на најавеното зголемување на производството.
Токму таму е и објаснувањето зошто производството на нафта расте, а цените не паѓаат. Кога има војна, оштетена инфраструктура и ризик за транспортот, пазарот не гледа само колку барели се најавени, туку дали тие барели навистина можат брзо и безбедно да стигнат до купувачите. Затоа одлуката на ОПЕК+ во овој момент повеќе се чита како сигнал за подготвеност отколку како мерка што веднаш ќе ја намали цената на нафтата.