Книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, која претставува своевиден пресек на состојбите во домашната кинематографија во периодот од независноста на државата, безмалку до денес, ќе биде промовирана во „Јавна соба“ во 18:30 ч.
Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски. Промоцијата ќе биде проследена и со џез концерт на нашите еминентни музичари со Гоце Стефковски квартет, во состав: Гоце Стефковски, Дарко Мучев, Филип Динев и Кирил Кузманов.
На стотини страници, од перспектива на авторката, се додава, книгата дава опис на развојот на кинематографија во период од три децении, не исклучувајќи го влијанието, односно политичките и социолошките фактори врз промените во нашиот филм. Книгата како што вели авторката е „посветена на сите сонувачи што ги создадоа темелите на независната продукција и оние што беспоштедно ќе ги градат новите патеки“.
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е илустриран со плакатите од филмовите, што претставува нивна прва систематизирана објава на едно место, се појаснува во соопштението, а вклучени се сите достапни плакати во архивата на Кинотеката на Република Северна Македонија.
-Книгата стручно ги истакнува сите причини и последици од македонското филмско творештво од 1991 до 2021, години на политички премрежиња, на уметничко деморализирање, на општествено девалвирање, но и на одлучната македонска борба да се опстои, па дури и во филмска смисла, да се пронајде вистинскиот филмски збор, да се направи оптимален филмски избор, во разбрануваното море неприлики, оти ние сме борбен народ, нели. На страниците на „Дискретниот шарм на македонскиот филм“, поместени се и историографски, но и статистички податоци за конкурентноста на македонскиот филм на најзначајните филмски натпреварувања, пишува рецензентката на книгата, Ана Кубин.
Ана Василевска е родена во Скопје во 1975 година. Таа е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година.
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.