Во вторник, 04. Април, 2023 година, со почеток во 12 часот – во просториите на Кинотеката ќе се одржи промоција на книгата „Кинематографијата на другата Европа“ на Дина Јорданова – филмолог и теоретичар на филмот од Бугарија, која живее и работи во Канада – и на Списанието „Кинопис“ бр.61.
Промотори на обете изданија на Кинотеката ќе бидат м-р Саша Станишиќ, филмски режисер и проучувач на филмот и Јане Алтипармаков, филмски режисер и автор.
На промоцијата, исто така ќе ѝ биде доделена и плакета на Илинденка Петрушева, доајен на филмската мисла и критика кај нас, по повод нејзиното прогласување за почесен уредник на списанието КИНОПИС.
Кинотеката во областа на издаваштвото во изминатата 2022 година реализираше три печатени изданија, што е своевиден зенит во издавачката дејност на оваа институција. Две од реализираните изданија – „Мојот последен здив“ (автобиографија на Луис Буњуел) и „Кинематографијата на другата Европа“ – се преводна стручна филмска литература, што е од големо значење за Кинотеката и за стручната филмска книжнина кај нас. Третото издание е стручно-теорискиот филмски труд „Иницијација и покајание“ на доц. д-р Атанас Чупоски, советник-филмолог во Кинотеката.