Книгата „Од дијалог до политика: дизајн на градови што слушаат и одговараат“, авторка Климентина Ѓорѓиоска, која претставува модел за одговорно локално владеење инспириран од истражување во Њу Орлеанс, беше промовирана во Градската библиотека во Прилеп, во присуство на пошироката општествено-политичка и научна јавност.
Делото се темели на етнографско истражување кое ја истакнува важноста од отчетност, меѓусекторска соработка и респонзивност на локалната власт. Книгата нуди конкретни препораки за подобрување на пристапот до податоци, граѓанско учество и транспарентност, со цел зајакнување на довербата и одржливоста на локалните политики.
Д-р Ана Блажена, промоторка на книгата и вонреден професор на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, истакна дека оваа работа е важен придонес за развојот на локалните заедници и демократијата.
Алисон Поорт, претставничка на Советот на Њу Орлеанс, го нагласи професионалниот ангажман на авторката во работата на Канцеларијата на советничката Лесли Харис, посочувајќи го влијанието на нејзината експертиза во создавањето на Фондот за домување во Њу Орлеанс.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ја истакна значајноста на книгата како модел за подобрување на соработката помеѓу граѓаните и локалните институции.
Авторката Климентина Ѓорѓиоска нагласи дека концептите заедница, политика и локално владеење се клучни во истражувањето и дека искуството од Њу Орлеанс послужило како инспирација за овој труд.
Издавач на книгата е Друштвото за наука и уметност – Прилеп.