Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промоција на книгата „Срма за Ацо Шопов“ во Белград

Книгата е збирка на песни и есеи на македонски и српски јазик, инспирирани од ликот и делото на македонскиот поет и еден од основоположниците на современата македонска поезија Ацо Шопов

Во Библиотеката на градот Белград вечер ќе се одржи промоција на книгата „Срма за Ацо Шопов“. Издавач е Здружението „Македониум“ од Белград.

Книгата е збирка на песни и есеи на македонски и српски јазик, инспирирани од ликот и делото на македонскиот поет и еден од основоположниците на современата македонска поезија Ацо Шопов.

Песните и есеите, како што се наведува, пристигнале на литературниот конкурс кој Здружението „Македониум“ го распиша на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари, а по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.

-На конкурсот пристигнаа преку 200 песни и десетина есеи, од речиси 90 автори од целиот регион: Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија, информира Здружението „Македониум“ од Белград.

Насловната страница е авторско дело на сликарката Елизабета Јорданоски, инспирирана од поетската збирка „Небиднина“ на Ацо Шопов.

Рецензенти на книгата се Гордана Влајиќ, заменик претседател на Друштвото на писателите на Србија, и Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Книгата е издадена со помош и поддршка на македонските министерства за култура и за надворешни работи, српското министерство за човекови и малцински права и општествен дијалог, Покраинскиот секретаријат за култура, информирање и односи со верските заедници, како и Македонскиот национален совет во Србија.

Во програмата ќе учествуваат застапените автори во книгата, актерите Зоран Митровиќ и Алексеј Јорданоски и пијанистот Никола Павлов.

-Здружението „Македониум“ од Белград работи и придонесува во афирмацијата на македонското културно наследство на национален и меѓунационален план, преку примерот на Ацо Шопов, истакнува Зорица Митровиќ, претседателка на Здружението и автор на овој проект.

Македомската промоција на книгата ќе се одржи на 28 ноември 2023 година во Скопје, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во 19 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен