Со промоцијата на книгата за творештвото на познатата босанска уметница Шејла Камериќ продолжува Програмата на осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт.
По минатогодишната изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која КРИК и ПРВО ПА ЖЕНСКО заеднички со уметницата ја организираа во Националната галерија – Чифте Амам, оваа година, повторно во соработка помеѓу Контрапунт/КРИК – фестивал за критичка култура, Тиииит!Инк./ фестивал за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе биде промовирана уметничката книга „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за Камериќ најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и взаемна поддршка.
Промоцијата ќе се одржи вечер во Музејот на современа уметност – Скопје, во 19.30 часот, со разговор помеѓу уметницата Камериќ, уредничката на книгата Жива Клајндинст, како и авторките Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ.
Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова.
Шејла Камериќ живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор и на особеностите со кои резултира борбата на жените.
Делото „Mother is a Bitch/Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нѐ водат во глобалните простори на раселување и дискриминација. Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста.
Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.
Приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација.
Во однос на овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, а уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.