Промоцијата на новиот роман на Наташа Сарџоска, „Живот без сведоци“, ќе се одржи на 14 декември во 19 часот во музичкото кафуле „Филхармонија“. За книгата ќе говори и со авторката ќе разговара проф. Маја Мухиќ, професор по филозофија, култура и антропологија од Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Живот без сведоци“ е втор роман на Наташа Сарџоска, кој деновиве го објави Издавачкиот центар „Три“. Издавачот стои и зад објавата на нејзината поетската книга „Часови по измама“, за која Сарџоска ја доби наградата на Хрватското книжевно друштво во Риека за книга објавена надвор од Хрватска. Освен овие објави, Сарџоска годинава стана и прва македонска поетеса и писателка што објавила свој целосен избор поезија во Мексико, во издание на издавачот Окседа, во нејзин автопревод на шпански јазик со што стана достапна за целиот хиспанофонски свет.
„Живот без сведоци“ е егзистенцијалистички психолошки роман за живот без никакво сведоштво за своето постоење, во едно отуѓено, подриено и потрошувачко пост-транзициско општество, на две радикални, прогонети, измачени и несреќни порочни личности, кои во бегство од правдата, без никакви надворешни сведоци и просторно-временски факти, во заложеништво на себеси самите каде што тие ја проживуваат одново и одново траумата на своите минати демони.
Во тоа траорно заедништво, наоѓаат утеха и спас, кој иако привиден и утешителен, сепак ги води низ нивните внатрешни превирања и тегоби, и така, прежививајќи ги слепите точки на своето невидливо постоење, тие доаѓаат до нови екстремни познанија, кои ги доведуваат во прашање мноштвото општествени догми кои им биле наметнати. Во еден потчинет однос на слепа должност и послушност, бескомпримисни интимни односи, долги исповеди и онтолошки прашања, за да преживеат, за да се прехранат, се впуштаат во низа противзаконски дејности кои, во заплетот, ќе ги доведат до изборот да се прокоцка еден од двата живота, за да се спаси и суштински измени останатиот живот.
„Кревок, срамежлив, ранлив, а истовремено страстен, бурен, возбудлив роман во кој главната нарација е испреплетена со тивката, подмолна, невидлива, неискажлива болка на човечкото постоење“, пишува професорот Венко Андоновски за вториот роман на Сарџоска.
Наташа Сарџоска (1979) е современа македонска поетеса, писателка и преведувачка од Скопје. Студирала, работела и творела во Париз, Милано, Тибинген, Лисабон и Брисел од 2005 до 2015 година. Докторирала социјална антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тибинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а магистрирала медиумски и комуникациски студии на Новиот Универзитет во Лисабон и на Универзитетот „Виа Домиција“ во Перпињан. Живее и работи меѓу Скопје, Штутгарт и Мадрид, каде што е професор на Глобалниот американски универзитет „Шилер“. Таа е и нерезидентен научен соработник на Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Риека.
Ги објавила поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“, „Крстна коска” и „Часови по измама“, романот „Трамонтана“, раскази, колумни, интервјуа, есеи и академски трудови. Нејзини поетски книги во автопревод се објавени во САД, Италија и Мексико, а избор од нејзини песни се преведени и објавени на над дваесет светски јазици.