Издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе ја промовира збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор, во рамките на фестивалот „Денови на литературата“, што се одржува по четврти пат и ќе трае од 6 до 20 февруари. Настанот ќе се одржи на 13 февруари (вторник) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Во промоцијата на книгата учество ќе земат промоторката Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, која ревносно го истражува творештвото на Пахор и која е авторка на поговорот во македонското издание на расказите „Грамадата на пристаништето“, преведувачот од словенечки јазик Дарко Спасов и уредничката Бисера Бендевска, во улога на модератор на разговорот.
Збирката „Грамадата на пристаништето“ првпат е објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели.
Во збирката се застапени шест раскази: „Грамадата на пристаништето“, „Пеперуга на закачалката“, „Бродолом“, „Цвеќе за лепрозниот“, „Ориент експрес“ и „Непоимливото прашање“. Секој од шесте раскази обработува вистински настани од животот на приморските Словенци по доаѓањето на власт на италијанските фашисти, а кои ги доживеал и самиот Пахор како дете и тинејџер. Низ очите на ликовите го сведочиме палењето на Народниот дом, симболот на градот Трст, асимилацијата на Словенците од страна на црнокошулците, убиството на славниот композитор Лојзе Братуж и бруталните механизми за принуда од страна на фашистите.
Борис Пахор (1913 – 2022) е еден од најважните и најпреведуваните словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф. Себеси се декларира како антифашист и сведок на фашистичкото насилство против Словенците во Италија и на страдањето во конц-логорите во Германија за време на Втората светска војна. Пахор е жесток поборник за националноста како примарен општествен идентитет.