Вечерва (среда, 1 ноември) со почеток од 19.30 часот во среда, во 19:30 часот во барот „Глуво куче“ ќе биде промовирана книгата „Последната мисла во универзумот“ на авторот Валентин Нешовски.
„Последната мисла во универзумот“ во издание на „Антолог“ е втор роман на Нешовски (минатата година го објави „Една книга“, деновиве преведен и на српски јазик). Промотори ќе бидат Бранко Тричковски и Тони Поповски, а ќе настапува и музичката група Witche’s brew.
Оние што ја прочитаа оваа книга помислија дека е напишана од вештачката интелигенција или, пак, зборовите излегле од авторот под благо дејство на халуциногени супстанции. Но, не е така. Во раскошна и возбудлива приказна за авантурите на главниот јунак Дон и неговите двајца придружници, тие ќе излезат од оваа Вселена и ќе се вратат назад. Дејството се протега низ 3 000 години во иднината, а приказната се движи наназад.
Иако Нешовски го убива целото човештво во 4 504 година, читателот ќе насети една цреша надеж. Впрочем, оваа книга е втората во очекуваната трилогија.
„Во класичен роман сместена е неверојатна испреплетеност на импозантни знаења од астрофизиката, еволуцијата, политиката, техниката и технологијата, роботиката, вештачката интелигенција, физиката на малите честички и на универзумот. Текстот е иритација и стимулација, на моменти шлаканица, на моменти охрабрување за човекот, неговата цивилизација и правецот во кој се развива тој и неговиот универзум, личен и вселенски. Жанровски, стилски и тематски ова е единствен текст. Во новелата човекот има околу 600 години да најде решение за брзината со која се шири вселената и која поради тоа што таа е поголема од брзината на светлината, ќе произведе тотален мрак. И човекот не успеал“, ќе напише еден од промоторите. И плус ќе додаде – „ова е модерно актуелно современо четиво што сигурно би одекнало добро во европската културна јавност“, пишува Бранко Тричковски.
„Иако насловот на овој роман е песимистички, последната мисла, смртта и апокалипсата сепак ни овозможуваат да ја осознаеме надежта, поради сопствениот спиритус мовенс, нагон кој последен умира. Со еден ваков филозофски концепт, Нешовски на нас, читателите, со намера или без намера, сепак ни нуди утеха, а утехата е можеби и најдефицитарната емоција во нашево секојдневие.“, најавува Тони Поповски.
Нешовски работел како новинар во „Нова Македонија“, „Македонија Денес“ и „Денес“, уредник во политичкиот магазин „ЗУМ“, бил дописник на неколку странски медиуми, магистрирал меѓународни односи и режими во САД, а последниве десетина години работи како консултант за односи за јавност.