Промоција на толковниот шеговит речник „Цепај сине“ од Зоран Спасов – Ѕоф

Во лексиконот се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат хуморот и менталитетот на нашето поднебје: целта на авторот е да го реактуализира скопскиот „јазик“

Толковниот шеговит речник „Цепај сине“, од авторот Зоран Спасов – Ѕоф ќе биде промовиран на 25 октомври (среда), со почеток во 20 часот, во „Станица 26“.

Водител на промоцијата ќе биде актерот Александар Микиќ, а ќе настапат „Тhe Ringtones“ и Драган Мијалковски.

Од издавачката куќа „Литература“ велат дека во лексиконот се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат хуморот и менталитетот на нашето поднебје.

Целта на авторот е да го реактуализира скопскиот „јазик“.

„Стануе збор за еден цепенковистички зборник што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи. Ќе прочитате ствари што нит’ сте ги чуле нит’ сте ги виделе. За некои ќе треба да ги прашате вашите родители, доста од нив не постојат ни на ’Гугл‘, а најголемиот дел се непознати чак и за Институтот за македонски јазик. Но, едно е сигурно – или ќе ’цепате‘ или (нема да) живеете“, вели Спасов.

Организаторите посочуваат дека средствата од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Зоран Спасов-Ѕоф е основач на повеќе електронски медиуми, основач на фондацијата „Македоника“. Беше продуцент на ТВ-шоуто „Џандар збира“. Досега има издадено пет книги и тоа „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Некогаш, некаде“ и „Тибам штркот“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира