Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промовирана монографија посветена на црквата „Свети Пантелејмон“ во Велес и градителот Андреја Дамјанов

Во пресрет на празникот Свети Пантелејмон, синоќа во соборниот храм во Велес посветен на светецот, синоќа беше промовирана монографијата на авторката Велика Ивковска, посветена на архитектурата и иконопис на овој величествен црковен објект, дело на градителот Андреја Дамјанов.

Како што потенцира промоторката Елица Николова од Народниот музеј, преку оваа монографија насловена „Архитектурата и сликартсвото на црквата Свети Пантелејмон од Андреја Дамјанов“ се промовира токму овој величенствен храм, светилник на духовноста, културата и просветата од втората четвртина на 19-тиот век, до денешни дни. Црквата била изградена во 1840 година.

Таа информира дека во ова монументално дело по своето значење за македонското духовно и културно наследство, посветено на архитектурата и сликарството на црквата „Св. Пантелејмон“, а преку неа и на најголемиот неимар, архитект и градител, како и автор на неколку зографски дела од 19 век во земјава и пошироко, Андреја Дамјанов како и на познатите и непознати зографи, иконописци и живописци од истиот период и нешто подоцна.

Таа потенцира дека црквата  зазема клучно место меѓу делата на авторите од Македонија кои творат во периодот на Преродбата, во периодот од таканаречената „македонска ренесанса“ која започнува од 30-те години на 19 век и која значително придонела македонските градители да бидат ценети на пошироката територија на Балканот, во рамките на тогашното Отоманско царство.

-Значењето на овој архитектонски комплекс ја мотивирал авторката да ја представи архитектурата и живописот на црквата „Св. Пантелејмон“,  да го подготви ова дело на 134 страници, двојазично, паралелно на македонски и англиски јазик што и дава дополнителна вредност поради можноста на поширок круг на читатели и надвор од македонското говорно подрачје, да се запознаат со творештвото на овој исклучителен автор на грандиозни дела на теритритијата на тогашната Отоманска империја, а денес во рамките на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, појасни Николова.

Авторката Велика Ивковска пред присутните на настанот информира дека идејата да ја напише монографијата ја добила на 19 јули 2003 година кога на групно крштевање ја крштевал Владиката Агатангел.

-Ова дело го посветувам на нашите претци, монографијата е посветена на родителите на моите родители. Го посветувам на сите оние кои денес не се со нас, кои не чуваат, бдеат над нас, не чекаат. Меѓутоа ни ја оставиле Македонија во аманет да ја чуваме, да се бориме за неа посебно во овие тешки времиња. Затоа да не го оставиме на никому ова богатство што ни го оставиле нашите претци, да се бориме да ја зачуваме оваа земја затоа што немаме друга, порача авторката Ивковска.

Ивковска информира дека оваа монографија е наменета за секој љубител на културата, историја, традиција, уметноста, на нашата земја и на нацијата.

-Во книгата е содржано нашето минато, кои сме и каде сме биле, нашите корени. Ова дело втемелува, потенцира авторката Ивковска.

Митрополитот Повардарски Агатангел во своето обраќање пред присутните на настанот истакна дека е голема радост после неколку брошури Соборниот храм на Велес „Св Вмч, Пантелејмон“ да добие монографија. Тој им порача на институциите, а особено на Општина Велес каде доаѓаат бројни делагаци, да ја имаат оваа монографија. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен