Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен акт против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела проневера во службата и злоупотреба на постапка за јавна набавка во Општата болница Прилеп.
За проневера, според обвинителството, се товарат поранешната директорка и уште тројца вработени, кои од почетокот на 2022 до јули 2024 година противправно присвоиле средства доверени во службата и прибавиле имотна корист од 9.605.081 денар, односно над 155.000 евра. Во описот на случајот се наведува дека парите биле исплаќани преку фиктивни налози за работа и касни исплати со невистинита содржина, наводно за работи „за потребите на болницата“, но без користење на системот на УЈП, без договори за дело и без документација што би ја оправдала потрошувачката.
Како начин на „правдање“ на трошоците се споменуваат фискални сметки за гориво, но и сметки од угостителски објекти – пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња и слаткарници – што, според обвинителството, не биле поврзани со болнички потреби. За да се прикријат исплатите, се наведува дека биле внесувани податоци со невистинита содржина во сметководствениот систем и правени корекции на веќе креирани записи за да се „поклопат“ со фиктивната документација.
Во делот за јавните набавки, обвинителството ја товари поранешната директорка, еден обезбедувач во болницата, управител и двајца сопственици на фирма за обезбедување, како и самата агенција. Според наводите, во два наврати биле повредени прописите за доделување договор, преку неизвршување на обврските од договорот за физичко обезбедување, но со фиктивна евиденција и редовна исплата по доставени фактури. На тој начин, како што се тврди, правното лице остварило корист од 6.567.538 денари, односно над 105.000 евра, а на болницата ѝ била нанесена значителна штета.
Покрај ова, поранешната директорка се товари и за продолжена злоупотреба на службената положба, затоа што во повеќе наврати одобрувала исплати кон угостителски и трговски објекти од конто „храна за болни“, иако набавките не биле за потребите на хоспитализираните пациенти. За овој дел од случајот се наведува штета од 1.439.987 денари (околу 23.000 евра). Дополнително, обвинителството наведува и неосновани исплати на додатоци за прекувремена работа за селективно избрани вработени, со што буџетот на болницата бил оштетен за 1.850.895 денари (околу 30.000 евра).
Од обвинителството информираат и дека за дел од дејствијата опфатени со истрагата, поведена по пријава од Финансиската полиција и по наоди од Државниот завод за ревизија, постапката продолжува во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.