Група пропалестински активисти кусо ја окупираа зградата на германскиот јавен емитер ЗДФ во центарот на Берлин. Според германските медиуми, најмалку 15 лица влегле низ еден од влезовите во објектот.
Активистите упаднале во холот на зградата, каде што извикувале пропалестински слогани. Со помош на балони наполнети со хелиум, тие подигнале мал звучник од кој се слушал гласен детски плач, кој не можел да се исклучи ни по неколку обиди.
Телевизиската служба за обезбедување веднаш повикала полиција, која брзо пристигнала со неколку патроли. По неколку минути, полицијата успеала да ги изведе сите активисти од зградата и да поведе постапка против нив поради кршење на „неповредливоста на домот“.

Пред зградата се наоѓала и помала група од околу 12 демонстранти, кои делеле летоци со пораки како: „Газа е и твоја вина“. На задната страна на летоците биле изнесени тешки обвинувања против германските политичари и јавни медиуми, со тврдења дека „државните медиуми користат лаги, пропаганда и цензура за да создадат консензус за воени злосторства“.
Акцијата, според објавите на социјалните мрежи, претставува реакција на соопштението на ЗДФ од крајот на октомври. Тогаш медиумската куќа објави дека еден од работниците на продукциската куќа кој работел за нив во Газа бил член на Хамас и загинал во израелски напад, според документи доставени од Израел. По тоа, ЗДФ веднаш ја прекинал соработката со таа продукција.
Откако биле исфрлени од зградата, активистите најавиле на продолжување на демонстрациите на улицата пред седиштето на ЗДФ.

