Судскиот совет на седница на 28 јануари 2026 година го усвои извештајот од вонреден надзор над Основниот суд Гостивар за постапувањето по предметот за осудениот Ремзи Мифтари, за кого се констатира дека имало повеќекратни незаконски одлагања во извршувањето на десетгодишната затворска казна во врска со случајот „Дурмо турс“.
Извештајот беше изгласан со девет гласа „за“ и два „против“, при што против биле членовите Исамедин Лимани и Ханиф Зендели. Работната група оцени дека пропусти направиле судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет, па предлага да се поднесе барање за утврдување одговорност за овие судии.
Пред членовите на Советот, судијката Џенета Бектовиќ, која заедно со судиите Аритон Ала и Данка Ристова извршила увид во предметот, посочи дека на 14 мај 2025 година бил издаден упатен акт за издржување казна затвор во КПУ „Идризово – Затвор Скопје“, по пресуда на Апелацискиот суд Скопје од 17 април 2025 година, со која Мифтари бил осуден на 10 години затвор за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Како конкретен пример за пробивање на законските рокови се наведува постапувањето по известувањето од КПУ „Идризово“ од 11 јуни 2025 година дека осудениот не се јавил на издржување на казната. Наместо во рок од 24 часа да се издаде наредба за присилно спроведување, наредбата била издадена на 19 јуни, односно по осум дена. Дополнително, според наодите, наредбата во Полициската станица Гостивар била примена дури на 24 јуни, што отвора прашања и за доставата и за навременото известување по електронски пат, како што налага процедурата за итни предмети од овој тип.
Во извештајот се проблематизира и делот од постапката во кој осудениот поднел молба за одлагање на издржувањето на казната (23 мај 2025), која судијата за извршување санкции ја одбил, а Кривичниот совет ја потврдил одлуката, но потоа се случиле застои во присилното спроведување и во доставата, без јасни докази зошто роковите биле пробиени.
Судскиот совет донел и заклучок извештајот да биде доставен до МВР поради сомнежи за затајување на курирската служба при ПС Гостивар, како и да се побараат информации во однос на постапувањето на лекарите во предметот, имајќи ги предвид образложенијата и документацијата што биле користени во процесот на одлагања.