Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протест на пчеларите во Атина

Со сандаци за чување пчели, со средства за производство на мед, со камиони и други возила, пчелари од цела Грција, денеска пристигнаа во Атина и одржаа протест пред грчкиот Парламент за да ги истакнат нивните барања, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на пчеларските здруженија од Грција најавија дека на протестот симболично ќе учествуваат и 20 пчеларски камиони, а нивните барања и проблеми што се однесуваат на зголемените трошоци за производство и увезениот мед што се продава како домашен ќе ги достават до Парламентот и Министерствата за земјоделство и транспорт.

Претседателот на пчеларското здружение од градот Кардица Сакис Никопулос во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека нивниот сектор се соочува со многу проблеми, но во овој момент за нив најважни се три теми.

-Првиот проблем е увозот во Грција на странски мед од трети земји со сомнителен квалитет, што тука се продава како грчки, вториот е зголемениот трошок за производство, што е особено висок и ја прави нашата професија тешка и тешко одржлива и третиот проблем се климатските промени и намаленото производство поради временските појави, вели за МИА претседателот на пчеларското здружение.

Протестот на пчеларите доаѓа по завчерашниот протест на земјоделците, а денеска во Атина се одржуваат уште две одвоени демонстрации: студентите по седми пат ќе одржат собир против отворањето на приватните факултети, додка пак вработените во државните болници, организирани од нивната федерација утрово протестираа низ атинските улици се до Министерството за здравство за да ги истакнат проблемите во здравствениот систем.

Извор МИА

Треба да знаете
Moже да ве интересира