Протестот најавен за сабота на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, во поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), уште пред да почне стана тест за нервите во владината коалиција. Додека премиерот Христијан Мицкоски јавно порача дека тоа е „погрешен потег“ и дека не ја поддржува идејата, градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, јасно стави до знаење дека во принцип го поддржува протестот, бидејќи „протестот е демократско право“ и „ОВК е национална гордост“.
Протестот, кој е дел од регионална кампања што веќе помина низ Приштина, Тирана и други европски градови, е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Планот е на 13 декември, од 13 часот, поддржувачите да се соберат на плоштадот „Скендербег“ во Скопје и да испратат порака за „вистината и правдата“ за поранешните команданти на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Зад иницијативата стојат здруженија на ветерани и организации произлезени од конфликтот во Косово, кои сметаат дека хашкиот процес е политички мотивиран и насочен кон ревизија на историјата на косовската војна. На протестот ќе се бара ослободување на Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите поранешни водачи на ОВК, кои пред Специјализираните совети во Хаг се соочуваат со обвинувања за воени злосторства.
Меџити својата поддршка ја артикулира преку две нивоа. Од една страна, се повикува на демократијата – правото на протест како легитимно средство за политички израз. Од друга, на идентитетот – ОВК како „национална гордост“ за Албанците, па логично продолжување на протестите од Приштина и Тирана во Скопје. Како градоначалник на општината на чија територија ќе се одржи протестот, тој најави и дека ќе даде согласност за одржување на собирот и изрази надеж дека „сè ќе помине добро“.
Од Влада, меѓутоа, доаѓа поинаков тон. Мицкоски веќе изјави дека не ја поддржува идејата за протест и дека смета оти чекорот на Ахмети е погрешен, предупредувајќи на можни нови тензии и изолација на лидерот на ДУИ на политичката сцена. Дополнително, премиерот тврдеше дека е уверен оти коалицијата ВЛЕН нема да го поддржи собирот, како и дека од меѓународните партнери не очекува позитивен сигнал за ваков тип протести. Со отворената поддршка на Меџити, таа прогноза веќе не држи.
На спротивниот крај од Мицкоски се позиционира и крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари. Оттаму протестот го претставуваат како одбрана на „вредностите на косовската ослободителна војна“ и продолжение на албанската политичка солидарност со обвинетите команданти во Хаг. Така, во албанскиот политички блок речиси се создава консензус околу протестот, додека во поширокото владино мнозинство се отвора јасна линија на разидување.
Сликата што се добива е повеќеслојна. Од една страна, протестот за поранешните лидери на ОВК во Скопје е продолжение на регионален наратив за „неправедно обвинети ослободители“, кој ја става во ист кадар војната на Косово, специјалниот суд во Хаг и иденитетската политика на Албанците на Балканот. Од друга страна, во Скопје истиот протест станува внатрешно-политичко прашање: дали владината коалиција може да издржи разлики околу теми што директно ги допираат меѓуетничките односи и чувствителната меморија на конфликтите од деведесеттите.
Меџити, Ахмети и Таравари со поддршката на протестот испраќаат сигнал дека политичкиот капитал меѓу албанските гласачи сè уште силно се врзува за симболите на ОВК и за наративот за „чиста ослободителна борба“. Мицкоски, пак, се обидува да се позиционира како фактор на стабилност пред македонската јавност и меѓународните партнери, предупредувајќи дека Скопје не смее да стане сцена на дополнителни регионални пресметки. Колку ова разминување ќе остане на ниво на изјави, а колку ќе се претвори во реален политички судир внатре во власта, ќе се види токму во сабота – на плоштадот „Скендербег“, меѓу транспарентите за ОВК и тивките грижи за тоа каква порака испраќа Скопје.