Протести во повеќе држави поради израелскиот напад врз Иран

Во главниот град на Иран, Техеран, но и во другите блискоисточни држави, како и во Малезија и Јужна Кореја денеска имаше протести поради израелскиот напад врз Иран.

По петочната молитва илјадници луѓе излегоа на улиците на Техеран извикувајќи пароли за поддршка на лидерите на Исламска Република и веејќи ирански и знамиња на Хезболах.

„Ќе го жртвувам животот за мојот лидер“, пишуваше на еден од транспарентите, алудирајќи на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Стотици поддржувачи на проиранската група Хезболах се собраа на улиците на главниот град на Либан, Бејрут во знак на солидарност со Иран. Тие извикуваа „Смрт на Израел, САД и претседателот Доналд Трамп“. Тие вееја знамиња на Хезболах, како и на ирански и палестински знамиња.

За време на митингот израелски дронови го надлетуваа Бејрут.

Десетици илјади Ирачани денеска протестираа во повеќе ирачки градови, меѓу кои и Багдад, поради израелскиот напад врз соседен Иран и побараа од Владата на Ирак да му забрани на Израел да го користи ирачкиот воздушен простор за напади. Демонстрациите беа организирани на повик на влијателниот ирачки шиитски лидер Муктада ал Садр.

Илјадници поддржувачи на Хутите денеска демонстрираа во главниот град на Јемен, Сана во знак на солидарност со иранскиот народ: Лидерот на Хутите, Абдул-Малик ал-Хути вети целосна поддршка за Иран и за Појасот Газа како одговор на израелските воени операции. Тој најави ракетните напади врз Израел, како и дека Хутите ќе продолжат со поморските акции.

И пред Амбасадата на Израел во главниот град на Малезија, Куала Лумпур беше организиран протест поради израелскиот напад врз Иран. 

Протести имаше и пред Амбасадата на Израел во главниот град на Јужна Кореја, Сеул. Демонстрантите држеа транспаренти на кои пишуваше „Не за нападот на Израел врз Иран“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен