Железничката врска кон Бугарија повторно влезе на шините – со конкретни бројки и формални обврски. По скандалозните изјави за овој коридор на својот почеток на мандатотот министерот за транспорт Александар Николоски денес најави дека железницата ќе се гради а македонската страна ќе чини најмалку 810 милиони евра (од кои околу 200 милиони евра грант од ЕУ), додека бугарскиот колега Гроздан Караџов процени дека целиот пакет на бугарска територија ќе надмине 1,2 милијарди евра.
Клучниот недостасувачки сегмент – меѓуграничниот тунел кај Деве Баир–Ѓуешево – денеска доби договор за подготовка, изградба и оперативност. Тунелската цевка е проектирана на околу 2,4 км, со половина од трасата на македонска, а половина на бугарска страна. На церемонијата во Ѓуешево присуствуваат претставници на Европската комисија, НАТО, ЕИБ, ЕБОР и Светска банка – сигнал дека проектот е при врв на европската и трансатлантска инфраструктурна мапа за регионот.
Во позадина стои долга и скапа историја на одложувања. Делницата Крива Паланка – граница (околу 23–24 км) беше претходно распишана, потоа поништена со образложение дека цената е неисплатлива – план за 560 милиони евра за небрза пруга од 24 км. Министерството најави обид за повторно распишување на тендерот со корекции на проектот и буџетот.
Финансирањето се потпира на „Team Europe“ микс: кредити од ЕИБ и ЕБОР (по 175 милиони евра), грантови и национални средства. Но парите сами не градат – ќе решат дали ова ќе биде уште една скапа папка или реална линија до 2031–2032 година, што политички беше сугерирана како целен хоризонт.
Стратегиската рамка е поширока од билатералната граница. Софија–Скопје–Драч (со бродска врска до Бари) е вградена во новиот европски коридор „Западен Балкан – Источен Медитеран“, дел од TEN-T правилата усвоени во 2024. Во превод: овие пруги не се локални проекти, туку дел од европскиот товарен и патнички пулс меѓу Црното и Јадранот.
Но критичните точки се на терен – и во бројки. Остануваат три чувствителни прашања: прво, реалната цена по километар (во претходните итерации, сметките стигнуваа и до приближно 24 милиони евра/км за конвенционална пруга – екстрем за регионот); второ, геодезија и експропријација околу Крива Паланка; трето, координација на тунелската технологија и безбедносните стандарди на двете страни на границата. Без овие одговори, секое ново „рочиште“ се претвора во политички наратив наместо во железничка реалност.
Ако денешното потпишување е пресвртница, мерилата ќе бидат студено прости: календар на работи по месеци, јавно следење на трошоци/прогрес и синхронизирани тендери за шините, енергетиката и сигнализацијата од двете страни. И конечно – прв воз на релација Скопје–Ѓуешево–Кустендил без „привремени решенија“. Дотогаш, 810 милиони евра кај нас и 1,2 милијарди кај источниот сосед се само цифри на хартија; железницата ги брои километрите, не соопштенијата.

