Првото претставување на Националниот џез ркестар надвор од Македонија во Тирана, во соседна Албанија, предизвика бура од воодушевување.
Македонскиот Културно Информативен центар во Тирана како организатор, пред тиранската публика го претстави нашиот Национален џез оркестар.
Бесим Петрела, директор на Албанија Џез фест беше видно возбуден од нивниот настап и го оцени како брилијантен настап.
„Ова се генијални, генијални музичари. Бескрајно благодарам на соработката со македонскиот центар, благодарам што овие прекрасни музичари вечерва свиреа во нашиот град“, рече Петрела.
Нашиот Национален џез оркестар настапи со нумери од различни епохи и стилови, почнувајки од класичен џез, преку свинг, би бап, па се до композиции од „Леб и Сол“.
Родена е една нова генерација млади музичари, кои суверено владеат со сцената, својте инструменти и музиката. Свират со неверојатна леснотија, духовито и мајсторски. На моменти ви се чини како да се наоѓате пред оркестар кој постои десетици години, иако од неговото формирање до денес, нема поминато ниту една година.
Настапот на ,,Албанија џез фест“ ја покажа сета смисла на нивното формирање и работа. Во преполна сала на Академијата за уметност во Тирана, публиката ги испрати со неколкуминутен аплауз и два пати бараше музичарите да се вратат на сцена.
Културно Информативниот центар во Тирана за 16 ти мај 2024 го најави претставувањето на ,,Џамбо Агушеви оркестар“ на фестивалот ,,Clouds“ во Тирана.
Фотографии и видеа: Герта Кордали