“Пурпурни долини”, нова стихозбирка од Марија Кулеска

Писателката Марија Кулеска го објави своето ново поетско остварување, второто по ред, насловено „Пурпурни долини“. Збирката беше промовирана во Скопје, во кафе книжарницата „Збор“, и содржи две различни, но поврзани поетски збирки: „Пурпурни долини“ и „Те љубев“.

Со лирски, епизодични и елегиски стихови, Кулеска ја истражува длабоката природа на животот и љубовта, фокусирајќи се на онтолошките прашања кои ја поставуваат суштината на човечкото постоење. Во својата поезија, таа се обидува да ги открие парадоксите и контрадикциите кои го обликуваат животот, трагајќи по одговори за тоа како човек може да ги обграни и интегрира овие спротивности.

„Неодделеноста на душата е пурпурната долина. Неотвореноста и згрбавеноста. Ничкосаноста и издигнувањето. Во призрак што се срочува…“, пишува Кулеска, овој пат давајќи им на читателите простор за размислување за значењето на слободата, љубовта и самоосознавањето.

„Пурпурните долини“, според Кулеска, се место каде што човек го напушта општественото и духовното ропство и бара својот пат кон автономност и слобода. Тие се метафора за животот, каде што љубовта има моќ да ги надмине сите парадокси и да го направи човекот целосен.

Поетесата се фокусира на замислата за една идеализирана, но и реалистична слобода, која не подразбира бегство од реалноста, туку нова перцепција на истата – преку љубовта, која е длабоката суштина на постоењето. Токму љубовта е она што го оправдува постоењето и го надминува времето, минатото, сегашноста и иднината.

„Пурпурните долини“ се првично ослободување, но и интегрирање на сите можности на бидување и постанување, со што се претставува концептот на „живот после живот“. Со оваа поезија, Марија Кулеска го покренува читателот да размислува за вечните прашања, за суштината на љубовта, слободата и нашето постоење, додека патува низ контрадикциите на животот.

Збирката „Пурпурни долини“ носи со себе нова, возбудлива поетска перспектива која ќе ги инспирира читателите да се замислат над значењето на нивната сопствена душа и патот кој го избираат во животот.

Зачлени се на нашиот е-билтен