Една од главните разлики меѓу скопската и струмичката сцена е таа што во Струмичко луѓето саделе коноп исклучиво за пушење, додека во Скопје во седумдесеттите години тоа речиси и да не постоело или било исклучително ретко. Во Скопје коноп почнале да садат во средината на 80-тите години.
Влатко Деков
Во Македонија конопот се пушел веројатно многу одамна, но постоечки информации наоѓаме од 30-тите години од минатиот век. Во тоа време, во Скопје имало чајџилници каде што скришум се пушело хашиш и опиум. Ановите во Старата скопска чаршија исто така биле места каде што се користел хашиш, пред сè од страна на дервишите. Ја нарекувале каша. За оваа култура на употреба на хашишот пишувале и српските весници од тој период. Така на пример, во едно издание од 21 јуни 1936 година постои текст со наслов: „Отровна индијска конопља, од чијег цвета се прави опојни хашиш, засађена је у многим баштама муслиманских кућа у Скопљу” („Отровен индиски коноп, од чиј цвет се прави опоен хашиш, е засаден во многу градини на муслимански куќи во Скопје“).
Во текстот, меѓу останатото, пишува дека во стариот дел на Скопје стотина луѓе од цветот на индискиот коноп прават отровна чоколада хашиш и во текот на ноќта тие и многу други луѓе употребуваат опиум и хашиш.
Подоцна хашишот станал значаен дел од хипи движењето. Хипиците од европските земји поминувајќи низ Македонија на својот пат кон Гоа во Индија виделе дека тука има добар хашиш и опиум. Често се случувало некои од нив да останат повеќе денови дружејќи се со локални луѓе, пренесувајќи дел од својата култура, вклучително и употребата на хашиш и на коноп.
Во почетокот на седумдесеттите години, повеќе ликовни уметници исто така биле дел од хипи движењето и употребата на конопот била една од слободарските идеи кои тие ги поддржувале. Во сеќавањата на ликовните уметници од тоа време останале ликовните колонии на Матка и на неколку други места каде што тој слободарски дух провејувал заедно со креативниот сликарски порив.
Иако примери на уживање на конопот во Скопје постоеле и претходно, скопската сцена на пушење коноп почнува значително да се развива во ист период како и онаа во Струмица и во Гевгелиско. Тоа било на крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години. Овие сцени дури биле и поврзани и имале меѓусебно влијание. Така на пример, луѓето од Струмичко и од Гевгелиско на враќање од своите патувања низ Европа честопати застанувале во Скопје и се дружеле со скопјани, најчесто пред „Ванила“ во ГТЦ и во тогашниот Дом на млади каде што имало музички клуб и се пуштало рок-музика. Скопските корисници на коноп ги почитувале Ристо од струмичкото село Добрејци и неговите познаници од Струмичко и од Гевгелиско и тие биле перципирани како садуни (Садуни се аскети, монаси или свети лица во хиндуизмот и јаинизмот, кои се одрекле од земскиот живот и се посветиле на духовноста).
Една од главните разлики меѓу скопската и струмичката сцена е таа што во Струмичко луѓето саделе коноп исклучиво за пушење, додека во Скопје во седумдесеттите години тоа речиси и да не постоело или било исклучително ретко. Во Скопје коноп почнале да садат во средината на 80-тите години.
Некои скопјани од Влае во 1977 година отишле во Кабул, Авганистан, од каде се вратиле со хашиш. Хашишот и претходно го користеле неколкумина скопјани, но сепак овие патувањa до Авганистан значеле многу за развивање на приказните за употребата на психоактивни супстанции, но и за поврзувањето на Скопје и на Македонија со глобалните светски движења и верувања. Едно од тие верувања на мнозинството луѓе кои употребувале коноп во осумдесеттите години е верување во нематеријалните вредности. Тие луѓе не биле материјалисти, ним материјалното им било потребно само за преживување. Многу повеќе делеле други духовни вредности и интереси. Конопот за нив претставувал пат кон сознанијата, ги правел луѓето поотворени и повеќе сензитивни за работи кои вообичаено не ги забележувале. Во осумдесеттите години од минатиот век, значаен дел од луѓето од таа сцена верувале во тоа дека работите треба лично да се спознаат и дека треба да се откриваат нови искуства. Уште како мали читале литература која им отворала нови видици како Херман Хесе или Џек Керуак на пример, патувале низ Европа и светот секој според сопствените можности. Често пати оделе на концерт или само на изложба во Белград или Загреб. Луѓето биле со отворени видици, се чувствувале како граѓани на светот и не им било важно од каде е некој туку каков е, каква музика слуша, кои книги ги чита, кои идеи ги застапува, за што се интересира и слично, сосема спротивно на мислењата на општата јавност дека тревкарите се луѓе кои само се занесуваат и бесцелно го трошат животот на споредни работи.
Во тој контекст и во Скопје, како и насекаде во Македонија конопот најчесто не се продавал, туку се делел меѓусебно од страна на оние кои имале. Не постоело ниту некакво очекување дека оние на кои им било дадено ќе мора некогаш со нешто да возвратат. Кога има, има за сите, тоа било една од тие заеднички вредности. Ова траело сè до почеток на деведесеттите години кога конопот започнува да биде дел од купопродажбата и многумина потврдуваат дека тоа го сториле дилерите кои се појавуваат токму тогаш и покрај хероин почнале да продаваат и коноп.
Луѓето користеле коноп поради најразлични причини. Некои велат дека тој им помагал да ги гледаат работите на поинаков начин, односно да забележуваат работи кои вообичаено не ги гледаат.
Според еден скопјанец, кој многу добро ја познава скопската сцена, имало два вида луѓе: хедонисти кои сакале да уживаат воопшто, па затоа и користеле канабис и оние кои користат психоактивни супстанции за да ги снема, да се изгубат умствено.
„Бевме ентузијасти. Ние се дружевме не само заради тревата, секој од нас се бавеше со некоја уметност. Ние се дружевме во еден езотеричен антрополошки дискурс. Мечтаевме за ситуација каде слободно може да се пуши трева. Затоа не ретко одевме за Амстердам, па и Барселона. Ако треба да направам разлика помеѓу таа сцена од пред 30 години и сега, тогаш беше поезотерично, понаивно, со многу желба за слобода и кршење на догмите и забраните. Сега тревата не е ритуал или дел од некоја идеолошка хуманистичка матрица. Не е дел од заедништвото затоа што џоинтот се дели. Многу битен беше социјалниот момент. Сега не е баш така. Кога одевме во Струмица или Гевгелија не знаеш каква ганџа ќе ти дадат и каков концерт после тоа ќе се деси. Немаше тепачки, рекетарење и слични глупости”.
Ова го потенцираат повеќе луѓе со кои сум разговарал. Затоа можеме да заклучиме дека во 80-тите и 90-тите години ганџа културата во својата основа била мирољубива и дека конопот ја играл улогата на магичен дух кој ги поврзувал луѓето во некоја заедничка свест во која доминирале љубовта, имагинацијата, добрината и заедништвото, а кај значаен број на консументи и интелектуализмот. За ова последново не може да се рече дека и денес е така имајќи предвид дека денес секакви луѓе употребуваат коноп, а некои кои се претставуваат како негови најголеми промотори се суштинска спротивност на овие вредности.
(Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика)
(Извор: Трн)