Рускиот претседател, Владимир Путин, и кинескиот претседател Си Џинпинг накратко ја разгледаа идејата за бесмртност за време на неформален разговор емитуван во живо на кинеската државна телевизија на воена парада во Пекинг.
Повод за посетата на рускиот претседател Путни на Кина беше воената парада организирана во чест на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. Додека Путин и Си ја водеа поворката составена од странски лидери кон подиумот на плоштадот Тјенанмен, делови од нивниот приватен разговор можеа да се слушнат во преносот во живо, пишува The Guardian.
Трансплантација на органи
Преведувачот на Путин на кинески рече: „Биотехнологијата постојано се развива. Човечките органи можат да се пресадуваат. Колку подолго живеете, толку сте помлади и дури е можно да се постигне бесмртност“.
Кси, надвор од камерата, одговори: „Некои предвидуваат дека луѓето во овој век ќе можат да живеат до 150 години“.
Подоцна, Путин им потврди на новинарите дека разговарал со Си за можноста за значително продолжување на човечкиот животен век.
Опсесијата со долговечноста
Двајцата лидери досега јасно покажаа дека немаат намера да ја напуштат власта. Во 2018 година, Си ги укина ограничувањата на претседателските мандати, а Путин ги промени руските закони за да остане на власт по 2030 година.
Руската елита, вклучувајќи го и Путин, долго време е фасцинирана од идејата за долговечност. Минатата година, тој нареди основање на истражувачки центар за нови технологии за здравствена заштита, кој се фокусира на борбата против стареењето на клетките, невротехнологијата и другите иновации насочени кон продолжување на животот. Неговата најстара ќерка, ендокринолог Марија Воронцова, е вклучена во програма за генетски истражувања со истата цел.
Интересно е што за време на тој разговор, Путин и Си одеа покрај севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој се смешкаше гледајќи ги. Не беше јасно дали разговорот се преведуваше и за него.