Путин: Ќе имаме губитоци поради санкциите на Трамп, ама нема да попуштиме

Путин ги предупреди САД, дека Русија ќе одговори силно во случај на напад со американски ракети „Томахавк“ на нејзина територија

Рускиот претседател Владимир Путин упати строго предупредување до Соединетите Американски Држави, велејќи дека Русија ќе одговори силно во случај на напад со американски ракети „Томахавк“ на нејзина територија, според руските државни медиуми.

„Доколку такво оружје се користи за удар врз руска територија, одговорот ќе биде многу силен. Да не зборуваме за зачудувачки. Нека размислат за тоа“, рече Путин. Во исто време, тој ги нарече разговорите за можноста за испорака на такви ракети во Киев обид за ескалација на конфликтот.

„Трамп веројатно ја одложи средбата, а не ја откажа“

Коментирајќи го откажувањето на билатералната средба од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, Путин рече дека претпоставува дека Трамп мислел на одложување, а не на целосно откажување.

Рускиот лидер откри дека за време на нивниот последен разговор, Трамп лично му предложил организирање на самитот во Будимпешта.

Путин рече дека би било погрешно да се пристапи кон таков настан без темелна подготовка и повтори дека Русија секогаш го поддржува продолжувањето на дијалогот. Според него, Русија и САД имаат многу области за соработка ако преминат од притисок кон сериозен и перспективен дијалог.

Нови американски санкции

Зборувајќи за новите американски санкции, Путин ги нарече непријателски чин кој не придонесува за зајакнување на руско-американските односи. Доналд Трамп денес воведе санкции врз руските нафтени гиганти Лукоил и Роснефт. Експертите веруваат дека ова би можело да ги намали приходите во рускиот буџет и да ги подобри шансите за мир во Украина.

Путин е убеден дека тие нема значително да влијаат на економската состојба во земјата. Тој тврди дека ќе има одредени загуби, но дека руската енергетска индустрија се чувствува безбедно. Путин рече дека Русија припаѓа на група земји кои се почитуваат себеси и немаат намера да донесуваат одлуки под притисок.

„Секако, тоа е обид за вршење притисок. Но, ниедна земја што се почитува себеси и ниедна нација што се почитува себеси никогаш не решава ништо на таков начин. Без сомнение, Русија ја има таа привилегија – да се чувствува и да биде сметана на таа листа на земји и народи што се почитуваат себеси“, рече тој.

Тој додаде и дека со Трамп разговарал за влијанието на ситуацијата со испораките на руска нафта врз порастот на цените во светот, вклучително и во САД.

Путин им се обрати на новинарите по XVII сесијата на Конгресот на Руското географско друштво.

Зачлени се на нашиот е-билтен