„Би сакал да му честитам на изборот за претседател“. Вака ја честиташе рускиот претседател Владимир Путин, победата на претседателските избори во САД, на Доналд Трамп.
Во гостувањето на панелот Валдаи во црноморското летувалиште Сочи, тој го пофали Трамп, за тоа што „покажа храброст кога вооружениот напаѓач се обидел да го убие“.
Путин порача дека Москва е спремна да разговара со него, пренесува Ројтерс.
Трамп за време на кампањата кажа дека би можел да донесе мир во Украина во рок од 24 часа ако биде избран, но не објасни како точно во тој период би го прекинал најголемиот копнен конфликт во Европа по Втората светска војна.
Путин денес кажа дека она што Трамп го зборуваше во кампањата за решавање на украинската криза „заслужува внимание“. Кажа и дека Русија, ако Трамп ги продолжи контактите, е спремна за разговор.
Путин воедно ги осуди САД за „намерата да ѝ нанесат стратегиски пораз на Русија во Украина“ и кажа дека во тек е „борба за обликување на нов светски поредок“ бидејќи „се распадна концептот за доминација на Западот по крајот на Студената војна“.
„Дојдовме до опасна линија“, кажа Путин во Сочи. „Од повиците на Западот за нанесување стратегиски пораз на Русија, земјата со најголем нуклеарен арсенал, се гледа претераниот авантуризам на западните политичари“.
„Западот арогантно настојуваше да ја прикаже Русија како поразена сила по падот на Советскиот Сојуз во 1991“, кажа рускиот претседател и го опиша НАТО како застарен воен сојуз. Русија, како што кажа, не ја смета западната цивилизација за непријател и покрај обидите на Вашингтон и неговите сојузници да ја изолираат Москва.
Светот во секој случај се менува, кажа Путин, а многу моќни земји не покажаа намера за изолирање на Русија. „Некогашната поставеност на светот неповратно исчезнува, можеме да кажеме дека веќе ја нема, а се води сериозна, непомирлива борба за формирање нова“, кажа Путин.
„На светот му треба Русија и никакви одлуки на лажните претпоставени во Вашингтон или Брисел тоа не можат да го променат“, додаде рускиот лидер.
Путин кажа и дека е бесмислено да се создава притисок врз Русија и дека Москва секогаш е спремна на разговори. „Бескорисно е да се става притисок врз нас. Но секогаш сме спремни на разговори земајќи ги предвид заемните легитимни интереси. Повикуваме на тоа и ги повикуваме сите учесници“, кажа тој.
„