Рускиот претседател Владимир Путин ја враќа на сцена „Интервизија“ (Интервидение) – алтернативата на „Евровизија“ од времето на СССР, имајќи предвид дека денес и на Русија ѝ е забрането учество на европскиот музички натпревар.
Путин оваа недела потпиша декрет со којшто им наложува на надлежните тела и официјални лица да ја спроведат организацијата на натпреварот во Москва оваа година. Целта на настанот би било „да ја развива меѓународната културна и хуманитарна соработка“. Претставникот на претседателот, Михаил Свидкој изјави дека „речиси 20 земји“ се согласиле да учествуваат на новата „Интервизија“, вклучувајќи ги Бразил, Куба, Индија, Кина и други „пријателски“ нации. Според известувањето, натпреварот ќе се одржи наесен.
Рускиот лидер назначи неколку високи функционери кои ќе учествуваат во организирањето на старо-новиот музички натпревар. Меѓу нив се и вицепремиерот Дмитриј Чернишенко – назначен за шеф на организацискиот одбор.
По воениот напад на Украина во 2022 година, на Русија ѝ беше забрането да се натпреварува на „Евровизија“, и таа забрана сѐ уште важи.
Советската „Интервизија“ се одржуваше спорадично од 1965. до 1981 година. Уште една манифестација се одржа во 2008. (со победа на Таџикистан), а најавените за 2009., 2014. и 2015 година – не се случија.
Финска, којашто во Студената војна требаше да држи неутралност, е една од ретките земји што учествуваше и на „Евросонг“ и на „Интервизија“, со свои изведувачи во двете натпреварувања. Русија првпат се појави на „Евровизија“ неколку години по распадот на Советскиот Сојуз на Социјалистички Републики, поточно – во 1994 година.