Рускиот претседател Владимир Путин денеска не ги негираше американските тврдења дека Северна Кореја испратила војници во Русија, но рече дека од Москва зависи како да ја спроведе својата клаузула за заемна одбрана со Пјонгјанг и го обвини Западот за ескалација на војната во Украина.
На новинарско прашање за сателитските снимки на кои се прикажани движења на севернокорејски војници, Путин рече дека „сликите се сериозна работа“.
– Ако има слики, тогаш тие одразуваат нешто, изјави рускиот лидер.
Тој додаде дека Западот е тој што ја ескалирал кризата во Украина и рече дека офицерите и инструкторите на НАТО биле директно вклучени во војната во Украина. Путин нагласи дека Москва знае „кој е присутен таму, од кои европски земји на НАТО и како ја извршуваат работата“.
Рускиот претседател конкретно го спомна членот 4 од договорот за руско партнерство со Северна Кореја кој се однесува на меѓусебната одбрана.
– Постои член 4. Никогаш ни најмалку не се сомневавме дека севернокорејското раководство сериозно ги сфаќа нашите договори. Но, она што го правиме во рамките на овој член е наша работа, рече Путин.