Рускиот претседател Владимир Путин остварил одделни телефонски разговори со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обид да посредува за смирување на ескалацијата по израелските воени напади врз Иран, се наведува во соопштение од Кремљ.
„Рускиот претседател изрази сочувство до раководството и народот на Исламската Република Иран поради бројните човечки жртви, меѓу кои и цивили, како последица од израелските напади“, се наведува во соопштението.
Кремљ посочува дека Русија ги осудува израелските акции како „кршење на Повелбата на ОН и на меѓународното право“.
Москва изразува целосна поддршка за мирно решавање на ситуацијата околу иранската нуклеарна програма и, како што се наведува, предложила конкретни иницијативи за решение на конфликтот меѓу Иран и Израел. Русија ќе продолжи да придонесува за деескалација на состојбата, соопштува Кремљ.
Во разговорот со Нетанјаху, Путин подвлекол дека е неопходно враќање на преговарачкиот процес и решавање на сите прашања поврзани со иранската нуклеарна програма исклучиво со политички и дипломатски средства.