Путин: „Разбирањето“ со Трамп отвора пат кон мир во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека „разбирањето“ постигнато со американскиот претседател Доналд Трамп на нивната средба минатиот месец во Алјаска отвора пат кон мир во Украина.

Путин ова го истакна на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Кина, каде што учествуваат и индискиот премиер Нарендра Моди, како и лидери од Централна Азија, Блискиот Исток и Јужна и Југоисточна Азија.

– Високо ги цениме напорите и предлозите од Кина и Индија за олеснување на решавањето на украинската криза, рече Путин, додавајќи дека се надева оти „разбирањето“ од последната руско-американска средба ќе придонесе кон постигнување мир.

Тој откри дека веќе започнала работа врз основа на постигнатото во Алјаска и најави дека ќе даде повеќе детали во текот на билатералните средби со Си Џинпинг и други лидери.

– За одржливо и долгорочно решение мора да се разгледаат и причините за кризата, додаде Путин, нагласувајќи дека дел од нив се должат на „постојаните обиди на Западот да ја внесе Украина во НАТО“.

Киев и западните сојузници ја нарекуваат руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година „империјалистичка освојувачка војна“, додека Москва ја дефинира како „специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на Украина“.

Путин нагласи дека кризата во Украина не произлегла од „инвазија“, туку како резултат на државен удар во Киев, поддржан од западните сојузници на Украина. 

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ги собра лидерите на Русија, Индија, Турција и Иран, како и повеќе евроазиски лидери, на самит кој треба да ја позиционира Кина во центарот на геостратешката конкуренција.

Зачлени се на нашиот е-билтен