„Quiet Life“ – мигрантската голгота и победата на семејната љубов над рамнодушноста на државата

Филмот „Quiet Life“ на грчкиот режисер Александрос Авранас, прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“, е потресна приказна за семејство бегалци од Русија кои во Шведска бараат нов почеток, но наместо засолниште и сигурност, се соочуваат со бирократија, студена рамнодушност и тишина што боли повеќе од зборовите.

Сергеј и Наталија, заедно со своите две ќерки, бегаат од прогон и се надеваат на азил во нова средина. Но, кога нивното барање е одбиено, помалата ќерка Катја паѓа во мистериозна кома – симптом на Child Resignation Syndrome, феномен забележан кај деца-бегалци во Шведска, кои едноставно се исклучуваат од светот како последица на страв, траума и неизвесност.

Кинематограферката Олимпија Митилинају со неверојатна прецизност ја гради визуелната структура на филмот. Светлината во болницата е сребрено-бела, совршено чиста, без нијанси и без топлина. Сето изгледа стерилно и исправно, но истовремено студено, како немилосрдна метафора за едно општество што знае да биде „средено“ и „правилно“, а во суштина – сурово и бездушно. Во кадрите преовладуваат безбојни тонови – сиви, беж, млечно-бели – кои апсолутно не паѓаат во очи, токму за да ја доловат апатичноста и отсуството на живот. Така, секоја светлосна сенка станува приказ на безнадежноста, а секој празен простор – крик на молкот.

Особено впечатливи се изведбите на двете млади актерки, Наоми Ламп и Мирослава Пашутина, кои доаѓаат од семејства на мигранти и самите го носат тој товар на преселбата и искуството на „туѓинецот“. Токму затоа нивната игра е толку веродостојна и болна – комуникацијата со ликовите и ситуациите им доаѓа природно, а камерата ја доловува таа искреност без филтер.

„Quiet Life“ е филм во кој нема големи изливи на емоции, туку постои контролиран, речиси клинички пристап. Тоа е најсилното оружје на Авранас – да покаже како најголемата трагедија не секогаш доаѓа со викање и солзи, туку со тишина, рамнодушност и бирократски протоколи кои го кршат човечкото достоинство.

И сепак, во морето од студена рамнодушност, Авранас остава простор за најчовечката порака. По којзнае кој пат, се потврдува дека љубовта е најголемиот исцелител – токму љубовта на родителите е таа што ги враќа девојчињата назад од темнината на комата. Иако семејството е скршено од трауми и неизвесност, во мигот на најголемата безнадежност тие ја препознаваат сопствената сила и се свестуваат дека само преку меѓусебна грижа можат да го преживеат светот.

Кинематограферката Олимпија Митилинају истакна дека има нешто навистина невообичаено за таа светлина во Шведска, бидејќи таа не шири топлина, туку е навистина ладна и бездушна. Особено е впечатлива сцената на крајот од филмот кога тие иако живеат во подрум одат и ја бркаат светлината од само еден простор од каде допира, од едно преубаво дрво каде доаѓа единствената светлина.

На крајот од проекцијата, кинематограферката Олимпија Митилинају испрати порака која ја надминува рамката на филмот: „Да не заборавиме – Слободна Палестина“, нагласувајќи дека за неа е огромна чест што е дел од фестивалот „Браќа Манаки“.

Зачлени се на нашиот е-билтен