Работници на железница открија олтар со човечки черепи

При изградба на железничката линија Мексико–Керетаро, археолози во централно Мексико откриле камен олтар стар околу 1.000 години, опкружен со човечки остатоци, меѓу кои четири черепи и долги коски, најверојатно бедрени. Откритието е регистрирано во близина на археолошката зона Тула, некогашен главен град на Толтеците, на околу 88 километри од Мексико Сити.

Мексиканскиот Национален институт за антропологија и историја соопшти дека станува збор за т.н. „момостли“, односно олтар со најмалку три ниски нивоа, со димензии од околу еден квадратен метар. На три страни од долниот дел биле пронајдени човечки приноси, а покрај нив и керамички садови, црн сад со друг сад во него, како и обсидијански фрагменти и сечила.

Археолозите засега го датираат наодот во периодот меѓу 900 и 1150 година, односно во т.н. Толанска фаза на градот Тула. Еден од черепите, според првичните проценки, и натаму бил поврзан со дел од пршлените, што отвора сомнеж дека жртвите биле обезглавувани како дел од ритуал. Истражувачите наведуваат дека во тој период сè уште се користеле обсидијански или кремени ножеви, кои можеле да остават траги на коските.

Ископувањата откриле и остатоци од ѕидови и простории околу олтарот, поради што археолозите претпоставуваат дека тој се наоѓал во двор на поголем објект, можеби поврзан со елитно живеалиште или палата. Во наредната фаза, коските ќе бидат испратени на антрополошка анализа за да се утврдат полот, возраста, здравствената состојба и можното потекло на жртвите.

Зачлени се на нашиот е-билтен