Германските власти извршија рации во простории на Дојче банк во Франкфурт и Берлин, во рамки на истрага за сомнежи поврзани со перење пари, соопштија институциите, само ден пред најголемата банка во земјата да ги објави годишните резултати за 2025 година.
Според информациите, јавното обвинителство во Франкфурт посочило дека цел на денешната акција биле неименувани менаџери и вработени, а истрагата ја води специјалната единица за економски криминал во соработка со Сојузната криминалистичка полиција. Како што е наведено, се претпоставува дека предметот е поврзан со претходни деловни односи на банката со странски компании кои и самите се осомничени за перење пари, при што претресите треба да обезбедат дополнителни докази.
Обвинителството, сепак, не објави детали за компаниите или за обемот на трансакциите, повикувајќи се на чувствителноста на постапката. Од Дојче банк, пак, потврдија дека истрагата се спроведува во нивни простории и дека целосно соработуваат со надлежните органи.
Случајот неизбежно ја враќа на површина долгогодишната репутациска слабост на банката во оваа област. Дојче банк и претходно беше критикувана дека не успеала навремено да открие и спречи сомнителни шеми, а седиштето беше предмет на рација и во април 2022 година. Во тој период, германскиот финансиски надзор назначи и специјален претставник што ја следеше ефикасноста на мерките против перење пари.