Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рацин.мк – За расудување на духот на времето

Порталот Рацин.мк е основан за да го заземе своето место како портал со мисија да понуди информации, длабински анализи и други медиумски формати коишто, во светот преплавен со дезинформации, ќе им обезбедат на читателите содржини на кои ќе им веруваат.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Од денеска медиумското семејство на интернет просторот во Северна Македонија порасна за уште еден член – рацин.мк, портал за расудување на духот на времето.

Порталот Рацин.мк е основан за да го заземе своето место како портал со мисија да понуди информации, длабински анализи и други медиумски формати коишто, во светот преплавен со дезинформации, ќе им обезбедат на читателите содржини на кои ќе им веруваат.

Само нашите вредности ги одредуваат темите што се од интерес и што произлегуваат од нашите основачки вредности и уредувачка политика.

Во име на тие вредности Рацин.мк ги отвора портите за општествените активисти и интелектуалците за критички дебати за предизвиците што стојат пред демократијата во земјата и во светот. Во центарот на нашто внимание и дебатата ги ставаме врвните интереси и цели на нашето општество и држава.

Инспирирани од животот и делото на Кочо Рацин наша определба се темите како што се социјална правда, солидарност, владеење на правото, општество еднакво за сите.

Во фокусот на нашиот новинарски интерес се консолидацијата и развојот на демократијата и демократските процеси, поддршката за зајакнување на капацитетите на институциите како сервис на граѓаните, непоколебливата поддршка и унапредување на концептот за општество еднакво за сите и за интеркултурализам, нашите залагања за социјална правда, нашето место и придобивки во НАТО и учеството во забрзување на евроинтеграциите и регионалните прогресивни иницијативи, поддршка на критичкото јавното мислење, улогата на медиумите, граѓанското општество, и навременото укажување на  заканите од авторитаризам.

Една од нашите принципиелни определби е да им дадеме глас на безгласните, да им обезбедиме видливост за маргинилизираните групи и секогаш да повикуваме на одговорност на оние кои го добиле мандатот на граѓаните за да управуваат со државните и општествените ресурси кои се сопственост на граѓаните.

Уверени сме дека автентичното непристрасно новинарство сѐ уште има моќ со вистинити информации да ја стекне довербата на читателите и да го поттикне просветленото расудување за да создаваме посилно и поправедно општество.

Наша цел и стремеж е да ги почитуваме и следиме највисоките стандарди на журнализмот и на нашите читатели да им го испорачаме најважното на најдобар можен начин.

Рацин.мк ќе преземе активности за да учествува во создавањето на следната генерација новинари и медиумски работници, критичари на времето и политички еманципирани граѓани за да бидат неодминлив фактор во создавањето политики од интерес на граѓаните и општеството.

Рацин.мк силно верува во новите технологии и ќе ги прифати најдобрите практики и алатки за да испорача новинарство и медиумски содржини во духот на времето. Затоа бидете со Рацин.мк и на социјалнте мрежи Фејсбук и Инстаграм.

Зачлени се на нашиот е-билтен