„Албанија нема план Б, туку само неоспорен и непроменлив план, за влез во Европската унија“ изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Тој на средбата со претставниците на дипломатскиот кор во Албанија ја повтори амбициозната цел за затворање на преговорите до крајот на 2027 година и рече дека во оваа деценија Албанија ќе направи се и ќе даде се што има за членството во ЕУ да стане реалност.
Премиерот увери дека „Албанија ќе продолжи неуморно да работи за интеграција преку промовирање на мирот и соработката преку дијалог со сите во регионот”.
Зборувајќи за парламентарните избори во Албанија, кои треба да се одржат на 11 мај 2025 година, Рама рече дека без разлика на тоа која политичка партија ќе победи, сите ќе се држат до вредностите и принципите на евроатлантската заедница.
„Како што се приближуваме до новата изборна година, сигурен сум дека прашањата за претстојните општи избори брзо ќе се најдат во вашите белешки и извештаи. Верувам дека имам прилично добра идеја кој ќе биде победник, но, настрана шегата, можам да ве уверам дека, без разлика за која политичка партија ќе гласаат Албанците, сите тие ќе одлучат да се држат до своите вредности и принципите на Евроатлантската заедница, промовирање на постигнувањето на историската цел да станеме добри и горди членови на обединетото европско семејство, поддршка на индивидуалните слободи, владеењето на правото и демократијата“ нагласи Рама.
Како што рече тој заложбите за членство во ЕУ и почитување на тие вредности не се отворени за преговарање и ги надминуваат возраста, полот, подрачјето или политичкото убедување на Албанците.