Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Расистички и содржини за супремација на белата раса ги откажуваат рекламерите на мрежата Х на Маск, меѓу нив и Светска банка

Светската банка ја прекина сета платена реклама на социјалната мрежа X на Илон Маск, откако некои американски медиуми открија дека промовирани реклами на оваа меѓународна институција се појавиле под расистички пост од профил кој често објавува неонацистичка и националистичка содржина што пропагира супериорност на белата раса.

Телевизијата „Си-Би-Ес њуз“ откри верифициран профил на X со повеќе од 115.000 потписници кој објавил расистичка слика заедно со пост во кој ја фали колонизацијата на Африка од страна на Европа. Промовирана реклама за Светската банка се појавила во делот за коментари под постот.

Такви случаи имало и со други компании како авиопревозникот „Сауди Арабија“ или канадскиот производител на ранци „Нордејс“.

-Светската банка веќе го намали своето платено рекламирање на X додека работеше со платформата за имплементирање на најсилните безбедносни протоколи што ги нуди мрежата за нашата содржина, изјави портпарол на Светската банка. Додаде дека „последниот инцидент е целосно неприфатлив, и ние веднаш го прекинуваме сето платено рекламирање на X“.

Маск неодамна се пожали дека многу од огласувачите се повлекле од неговата мрежа и дека тој планира да ги даде на суд сите фирми што ја бојкотираат Х по неговото откупување на мрежата при крајот на 2022 година за 44 милијарди долари.

Откако ја презеде мрежата, Маск создаде систем во кој алгоритмите на X ги фаворизираат профилите кои плаќаат за синото штиклирање на платформата. Според политиките за рекламирање на X услугата за верификација, X Premium нуди „приоритет во одговорите“ за сите претплатници.

Промените кои Маск ги направи во бизнис моделот на X овозможија инфлуенсери кои купуваат претплата за верификација на мрежата да монетизираат од нивните содржини. Претплатниците можат да добијат дел од приходите од реклами за нивните содржини ако „имаат најмалку пет милиони органски прегледи на кумулативни објави во последните три месеци“ и „имаат најмалку 500 потписници.“

Според условите за користење на платформата, профилите можат да го направат тоа без јавно да го откриваат својот идентитет, под услов носителот на профилот да покаже лична идентификација приватно на платформата. 

Најново