Шпанската влада одлучи целосно да ја исклучи можноста за враќање на задолжителниот воен рок и покрај руската закана и притисок од одредени европски земји, изјавија владини извори за „Расон“.
Тие потврдија дека и покрај европскиот план за повторно вооружување што го промовира Брисел и фактот што неколку земји-членки веќе ја вратија или одржува војска, оваа опција „не е и нема да биде на маса“.
Расон наведува дека владата во Мадрид оваа одлука ја донела поради оддалеченоста од Русија, поради што заканата се смета за помала, како и поради слабата поддршка од јавноста за повторно воведување на задолжителниот воен рок, особено кај младите.
Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Летонија и Литванија повторно ги активираа програмите за регрутирање, а дебатата за ова прашање моментално се одржува и во Германија. Истовремено, Австрија, Норвешка, Грција и Финска се обидуваат да ја зајакнат одбраната преку регрутирање.
Задолжителната воена служба беше суспендирана во Шпанија во 2001 година на неограничен временски период, но анкетите сè уште покажуваат дека 75 отсто од Шпанците го поддржуваат планот за повторно вооружување на Европа, а 65 отсто се за создавање на заедничка европска армија.
Поради оваа причина, шпанското Министерство за одбрана, предводено од Маргарита Роблес, се фокусира на модернизацијата и професионализација на војската, промовирајќи доброволна обука, нови технологии и меѓународна соработка, наместо да се врати на задолжителниот модел од минатото, наведува „Расон“.