Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, го распиша меѓународниот конкурс за најдобра необјавена поетска творба „Антево Слово“ 2024 по седми пат.
Специјалната награда на фестивалот е востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, а поетските творби може да се испраќаат до 1 март 2024 година.
Од тимот на „Антево слово“ информираат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, а меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претставник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.
Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели пролетта, 2024 година во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
-Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист, појаснуваат во соопштението од Од тимот на „Антево слово“.
Како што информираат организаторите, на конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: antevoslovo@gmail.com на македонски и италијански или англиски јазик.
Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.