Ваквиот месечен раст на цените сепак е помал од оној во јуни 2025 година кога на ниво на ЕУ изнесуваше 0,7, а во Еврозоната – 0,8 отсто.
Споредено на годишно ниво, во јули 2025 индустриските производни цени пораснале за 0,4 проценти во ЕУ и за 0,2 отсто во Еврозоната.
Гледано по сектори, најголем месечен раст од 2,3 отсто на ниво на цела ЕУ се бележи кај енергенсите, додека во Еврозоната тие поскапеле за 1,5 проценти. Цените на трајните производи за широка потрошувачка и во ЕУ и во Еврозоната се зголемиле за 0,2 проценти, а на капиталните добра за 0,1 отсто. Просечните цените на нетрајните производи за широка потрошувачка останале непроменети, а на полуфабрикатите се намалиле за 0,2 проценти.
На годишно ниво (јули 2025-јули 2024), во ЕУ најмногу поскапеле нетрајните производи за широка потрошувачка за 2,2 отсто, по што следуваат капиталните добра со раст од 1,7 и трајните производи за широка потрошувачка од 1,6 проценти. Цените на енергенсите на годишно ниво се намалиле за 1,1 отсто, а на полифабрикатите за 0,1 процент.
Во Еврозоната, цените на нетрајни производи за широка потрошувачка се зголемиле за 1,9 отсто, на капиталните добра за 1,8 и на трајните производи за широка потрошувачка за 1,7 проценти, додека енергенсите поевтиниле за 1,2, а полуфабрикатите за 0,3 отсто.
По земји, најголем месечен раст на индустриските цени во јули е регистриран во Романија од 6,7 проценети, по што следуваат Бугарија со 5,7, Словачка со 2,8, Данска со 2,6, Ирска со 1,3, Шведска со 1,2 и Холандија со 1,1 отсто. Пад на цените е забележан само во шест земји членки на ЕУ и тоа Естонија од 1,0 процент, Летонија од 0,7, Луксембург од 0,4, Кипар од 0,2 и Германија и Словенија од по 0,1 отсто. Во останатите држави од Унијата цените останале непроменети или се зголемиле под еден процент.
На годишно ниво најголем раст на цените имало во Бугарија од 10,7 отсто, пред Данска од 4,5, Романија од 2,5, Италија од 2,4, Шведска од 2,2 и Грција од 2,1 проценти. Најголемо намалување на цените, пак, има во Естонија од 6,1 отсто, во Луксембург од 4,5, Португалија од 3,6 и Летонија од 2,3 проценти. Единствено во Словачка индустриските цени во просек на годишно ниво останале непроменети.